Евтим Евтимов
150 ден.
220 стр. /A5 формат (200x140)
Романот „За тоа ли беше сè“ од познатиот бугарски писател Евтим Евтимове напишан со современ стилски израз и со вешто изведена структура. Во основа е политички роман, но тој, пред сè, е постмодерно егзистенцијален, во кој на еден суптилен начин авторот говори за човечката судбина, за страдањата на човекот поради политичките парадокси.
Дејството е сместено во бугарскиот политички контекст по Втората светска војна, карактеристичен за источноевропските земји во тој период, и ја разобличува репресивноста на тој режим, којашто во осумдесеттите години, пред залезот на режимот во времето на Тодор Живков, ќе ја почувствува и авторот на романот. Според темата, филозофско-етичкиот пристап и пораките кои се искажани – тоа е, пред сè, роман со наднационални вредности и со универзален простор и универзално време, роман за доброто и злото, за судбината на човекот, за предавствата што ги вршат луѓе спрема своите блиски и спрема себеси, за компромисите поради користољубие, за цената за купување кариера, за изневерените мечти и идеали, за кругот на времето и на животот и на човечките судбини.
Заснован врз ужасни вистински настани, но богат со метафори и слики, романот претставува филозофско-етички и естетски трактат за пресвртите во историјата и во животот на човекот. Исти луѓе во исти ситуации си ги менуваат местата – жертвите стануваат џелати, а џелатите жртви. И едните и другите се во маѓепсан круг на човечката превртливост и злоба. На крајот на романот е објавен и поговор од литературниот критичар и издавач Пламен Тотев, кој го објаснува контекстот во којшто се одвива дејството, но и мотивите на Евтимов да го напише ова дело.