Атле Нес
650 ден.
296 стр. / Б5 (240 х 170), 2021 г.
„Леонардо да Винчи и неговото време“ од норвешкиот писател Атле Нес, е книга во која тој за Леонардо да Винчи раскажува инспиративно, возбудливо и документирано за безграничната фантазија и генијалниот талент на Леонардо, за неговите ремек-дела, за скиците и цртежите, за кодираните белешки, за познати и малку познати нешта поврзани со неговото творештво и со неговата личност. Нес на импресивен начин го опишува необичниот животен пат на Леонардо, момче од најниските слоеви од местото Винчи кај Тоскана, до градењето на неговата кариера на популарен и култен уметник во Европа. Но истовремено многу детално и прецизно го претставува историскиот контекст, односно настаните од неговото време во градовите и местата во коишто живеел.
Леонардо да Винчи е генијален уметник и пронаоѓач, најжестокиот претставник на ренесансата, еден од најконтроверзните и мистериозните уметници во светот. Тој е сликар, вајар, архитект, инженер, анатом, астроном, ботаничар..., сестран талент и голем гениј – но и голема мистерија. Сè уште е предизвик за многу истражувачи на неговото дело и неговиот творечки пат. И по пет века од смртта, Леонардо да Винчи (1452 – 1519) е актуелен и е едно од најпознатите имиња во историјата на уметноста во светот. Денес тој сè уште привлекува големо внимание кај проучувачите на историјата на уметноста, кај современите уметници, но и кај биографите. Една од најпознатите биографии напишани за него е биографијата на норвешкиот писател, историчар на уметноста и биограф Атле Нес. Неговата книга поради компактноста, темелноста и новите согледувања и сознанија за најпознатиот уметник на ренесансата, веќе е преведен на повеќе јазици во светот. Атле Нес одблиску на читателите им го покажува човекот скриен зад митот за творецот и историскиот контекст во кој се создадени ремек-делата на Леонардо. Атле Нес се одликува со големи познавања на историјата на уметноста, историјата, јазиците и математиката. Во предговорот Нес пишува: „Леонардо зад себе оставил безброј записи – неговите белешки и скици, кои не биле познати во негово време, па дури и потоа. Нивните траги може да се најдат во многу колекции во Европа и во САД, а самиот материјал е делумно предмет на истражување, толкување и дискусија. На тој начин најмногу се доближуваме до него, дури и повеќе одошто преку добро зачуваните слики, кои најверојатно и без исклучок биле правени по нарачка. Се обидов прилично внимателно да цитирам извадоци од овие белешки, како самиот Леонардо да Винчи да звучи од биографијата. На истиот начин се претставени многу од повеќе или помалку завршените скици и цртежи. Така неговиот талент, кој е веројатно невиден по својата универзалност – и неговата трансцедентна имагинација го наоѓаат својот најдобар израз.“ Биографијата на Атле Нес „Леонардо да Винчи“ има монографска форма. Илустрирана е со голем број цртежи, слики и скици на пронајдоци на Леонардо да Винчи, а еден дел на крајот е печатен во боја, во кој се сместени репродукции на најпознатите дела на уметникот