Македоника Литера

Водата во езерото никогаш не е слатка

 Џулија Каминито
 
400 ден.
Обем: 270 стр., формат: 200 х 140 мм, корица: мека, година: 2022
 
 

Финалист на наградата Стрега

Награда Стрега оф

Награда Кампиело
 
Џулија Каминито во „Водата во езерото никогаш не е слатка“ ја раскажува приказната за една непријатна реалност, невидлива за многу современи писатели, но којашто удира без удари. Гаја и нејзиното семејство живеат во сиромаштија, се чувствуваат како да пловат во најматната вода, без надеж за бегство или подобрување на условите и животот. Но, тоа не е единствената движечка сила на овој роман. Неговата смела, искрена приказна ги отсликува вознемирувачките, неодговорени прашања на главниот лик и го открива лицемерството на инертното и изопачено општество.
   Приказната во романот во основа е социјална, тешка и мачна, но искрено и реално раскажана од аспект на младиот наратор и со младешки сензибилитет. Главниот лик Гаја е родена во проблематично семејство. Нејзината мајка, Антонија, прави сè што може за да му даде малку надеж на своето семејство, таа е двигателот на сè што треба да се направи за семејството, таа е столбот на семејството, која е бескрајно енергична за да ги надмине безнадежноста и неподносливоста и на своето семејство. Гаја ја поминува својата младост соочена со свет кој нема што да ѝ понуди, кој никогаш нема да ја прифати и кој нема да направи ништо за да биде прифатена. Ќе најде љубов и пријателство, но без вистински да ги прифати, ќе ја почувствува тежината на очекувањата, лагите и предавствата, љубомората, недоразбирањата, осаменоста и суровата реалност на животот...
   „Водата во езерото никогаш“ не е слатка доби повеќе позитивни критички оцени „Сјаен и моќен глас, како многу долга песна, глас толку уникатен што вакво нешто не сме слушнале некое време, не смеете да го пропуштите“ (Io Donna).     „Незаборавна приказна, грациозно напишана и крајно волшебна“ (Thrillernord). „Романот на Каминито е толку жесток, толку вознемирувачки од страница во страница, толку искрен до крајност, што совршено и безнадежно се идентификуваме со неговите ликови и нивните приказни“. (Sul romanzo).
   Џулија Каминито (1988, во Рим – Италија) дебитира во 2016 година со романот Големото А, посветен на африканскиот постколонијализам и базиран на семејни случки, за којшто добива неколку признанија, меѓу кои наградите: Берто, Багута (за прво дело), Бранкати (за млади). Потоа ги објавила збирката раскази Ги гледавме другите како играат танго во 2017, приказната Балерината и морнарот во 2018 и романот Еден ден ќе дојде во 2019 година, за којшто ја добива наградата Фиезоле. Во 2021 беше издаден нејзиниот трет роман „Водата во езерото никогаш не е слатка“, финалист на наградата Стрега, победник на наградата Стрега оф и на наградата Кампиело.