Македоника Литера

Во главата на Бруно Шулц

Максим Билер

120 ден

56 стр., А5 (200 х 140), 2023

 

Во новелата „Во главата на Бруно Шулц“ Максим Билер раскажува приказна за големиот еврејски писател Бруно Шулц. Во оваа магична, трагикомична, бурлескна новела, тој ни нуди патување до полскиот град Дрохобиц, во светот на Бруно Шулц, во 1938 година. Нè води во подрумот каде што Бруно Шулц, кој работи како гимназиски професор по уметност и сонува за писателска слава во Европа, му пишува писмо на Томас Ман. Тој се надева дека светски познатиот писател ќе може да му помогне да најде издавач во странство – тогаш конечно би имал причина засекогаш да ја напушти својата клаустрофо­бична татковина. Меѓутоа, знаците на претстојната апокалипса се непогрешливи, му го одземаат сонот и го хранат неговиот придружник – стравот. Во умот на Бруно Шулц се појавува визија за крајот на светот, предвидувајќи го тоа што, всушност, ќе се случи потоа во окупираната Полска.

Максим Билер (1960) е наградуван писател, белетрист, новинар, колумнист, литературен критичар и денес најпознатиот еврејски интелектуалец во Германија. Приврзан е за традициите на централноевропското, а посебно на еврејското творештво. Неговите текстови често ги отвораат прашањата за припадноста, идентитетот, семејството и љубовта, вината, антисемитизмот и наследството на нацисоцијализмот. Неговиот литературен пристап е понекогаш полемичен, понекогаш горко лут, но секогаш хумористичен и луциден. Билер е шокантно искрен, пишува со очигледна елеганција и без да угодува, туку непоколебливо да ги разоткрива и именува. Неговиот стил на пишување е колку поетски, толку и провокативен, интелектуално предизвикувачки и длабоко трогателен.

„Во главата на Бруно Шулц“ наиде на одлични реакции на критиката и медиумите:

„Јазикот на Билер е мелодија која создава осет, како Албер Ками да е уште жив, како Готфрид Бен да започна одеднаш да пишува куси раскази, како егзистенцијализмот да ни се обраќа од својот гроб... Билер е одличен раскажувач. (Велт ам зонтаг)

„Билер е фантастичен пронаоѓач на приказни со старомоден сјај, кој се грижи за светот, за вистината, за животот.“ (ФАС)

„Билер пишува со една подразбирлива, ненападна елегант­ност, со која не може да се спореди ниту еден од другите современи писатели, кои пишуваат на германски. Неговата новела е на ниво на светска литература.“ (Себастиан Хамелеле, spiegel.de)

„(...) Не се многубројни тие, кои можат да пишуваат толку беспрекорна проза. (...) Новата новела на Билер е неподнос­ли­во виртуозна.“ (Петер Прашл, Ди велт)

„Полна сум со восхит од наративниот темперамент на Максим Билер, кој го имаат малку луѓе. Буквално излегува од вас. Честитки, не знам за нешто слично.“ (Елфриде Јелинек)