Македоника Литера

Додаток за фотоалбум

Владислав Отрошенко

 

250 ден.

154 стр., 200 х 140 мм, 2024

 

Фасцинантна приказна за една куќа во која живее семејството на чичковците родени со бакенбарди, раскажана со суптилен хумор, двосмисленост и со виртуозно преплетување на фантазмагоријата, митот и реалноста, па затоа и не случајно е наречена „најфантазмагоричната семејна хроника напишана на руски јазик“.

Без динамичен заплет, без неочекувана серија на настани, но и без ниту една излишна слика или детаљ, авторот со својот специфичен наративен пристап и со динамичниот и жив јазик ни создава прилично јасна слика за една парадоксална безвременска реалност, но при тоа остава простор и за личната фантазија на читателот. Нестандардниот магичен реализам или поточно магичниот постмодернизам го прави романот да „изгледа како магична кутија исполнета со изненадувања и авантури“, но и како еден повеќедимензионален и мистичен свет.

Италијанската славистка Надија Каприољо вели дека „големата куќа“ прикажана во романот со неистражени сали, со непробојни простории и ходници е „архетипот на фантастичната Русија, која никогаш не се променила од времето на Гогољ“. „Пишувајќи магично и реалистично во исто време, кое маѓепсува со своите слики, често далеку од човечката логика, и со каскадни дигресии“, пишува таа, „Отрошенко раскажува еп за „роднините со бакенбарди“. Таа укажува на филозофските и онтолошките аспекти на романот, особено на посебниот систем на наративно време, верувајќи дека писателот успеал да ја прикаже „Русија, фиксирана во атемпоралниот простор“. („Ла Стампа“)

Венко Андоновски во поговорот на романот:

 Отрошенко пародира не само наративни конвенции, туку и цели откршоци од културни текстови, семиотички мрежи од цели култури! Едноставно, овој вулкан од писател не остава недопрена ниедна конвенција во својата експериментална лабораторија на романот! Тој е книжевен козак и книжевен бунтовник на XXI век!

 Отрошенко со овој роман, во стил на голем автор, ни ги открива можностите за меѓусебно читање на два различни медиуми: фотографијата и онаа вербализирана ствар­ност што ја викаме – роман. Во прашање е една суптилна расправа за еден интермедијален однос (збор-слика) која се води невидливо секаде каде авторот се занимава со коменти­ра­ње на некоја од малубројните фотографии што му останале како единствен материјал за романот.

 Сè на сè, ова е сјаен роман. Роман-тест за можностите на романот денес. Роман што понесува, заведува, обвинува, поста­вува најсериозни и непријатни прашања, роман кој сака да знае. И сето тоа испишано со незамисливо лесниот, а тежок за постигање стил на мајсторот на современа руска прозна реч, Владислав Отрошенко. Книжевниот козак на светот, во XXI век.“