Македоника Литера

Конформист

Алберто Моравија

500 ден.

304 стр., А5 (200 х 140 мм), 2024 г.

 

 Романот „Конформист“, првпат објавен во 1947 година, е едно од најзначајните дела на Алберто Моравија. Овој роман го направи еден од најчитаните повоени писатели во Европа. Истражувајќи ја врската меѓу потиснатите емоции и тоталитарното општество, како и човечката подготвеност да се потчини на менталитетот на конформизам и послушност во потрага по „нормален живот“, овој голем мајстор на стилот пишува возбудлив наратив. Благодарение на длабокиот увид во човековата природа, овој маркантен роман останува свеж и релевантен дури и денес.

Во романот детално се прикажани животот и желбата за нормалност на еден владин функционер за време на италијанскиот фашистички период. Главниот лик Марчело постојано е во потрага по тоа што тој го смета за нормален живот – нормални активности, нормален изглед, нормални емоции итн. Сепак, тој ја меша нормалноста со усогласеноста, и во својата потрага да се усогласи, ги потчинува своите веќе потиснати емоции. Кога природниот тек на неговиот живот му поставува етички дилеми – задачата да го предаде професорот Квадри, привлечноста кон други жени освен сопругата – тој е лошо подготвен да се справи со нив. Моравија во овој роман ја интимизира врската меѓу сексуалната репресија и фашизмот.

За Марчело Клеричи, тишината и чувањето тајни се составен дел од карактерот. Има сè под контрола – сопруга која го сака, колеги кои го почитуваат, скриена моќ што доаѓа од работата за италијанската тајна полиција под Мусолини. А потоа му наредуваат, за да ја докаже својата лојалност кон фашистичката држава, да го убие својот поранешен професор кој е во егзил. Се случува уште нешто, тој се вљубува во необична, фасцинантна жена. Неговиот внатрешен живот полека се отвора пред читателот, а со тоа и корумпираното срце на фашизмот...

„Конформист“ се смета за антифашистички роман и во 1970 година доживеа филмска адаптација во режија на Бернардо Бертолучи.

Алберто Моравија (Рим, 1907 – Рим, 1990) е италијански писател, есеист, сценарист и критичар, чии дела проникнуваат во разни аспекти од современиот живот, како што се сексуалноста, отуѓувањето и егзистенцијализмот. Неговото вистинско име е Алберто Пинчерле (по потекло Евреин од Моравија, по што го зема псевдонимот), потекнувал од богато семејство, а детството го поминал во затворен круг на богати деца. На деветгодишна возраст тешко се разболел (туберкулоза на коските) и бил принуден времето да го поминува в кревет, а тоа му овозможило многу да чита и да размислува. Болеста оставила длабока трага и заедно со фашизмот станала инспирација за пишување. Цел живот бил критичен спрема фашизмот. Покрај политичките прашања, ги зафаќа и темите за отуѓувањето, лицемерието и малограѓанството. Поради неговата отвореност и критичко пишување, тој бил цензуриран и од фашистите и од Ватикан.

Моравија еднаш забележал дека најважните фактори во неговиот живот биле неговата болест, туберкулозна инфекција на коските што го држела за кревет пет години, и фашизмот, бидејќи и двете го предизвикувале да страда и да прави работи што инаку не би ги направил. „Болеста и фашизмот како два вида на несакани страдања ми го определија животот. Нашиот карактер го формира она што сме принудени да го правиме, а не она што го правиме по своја волја“ – изјавил Моравија.

Неговото пишување е обележано со фактички, студен, прецизен стил, често прикажувајќи ја слабоста на буржоазијата и преиспитувајќи ги и провоцирајќи конзервативните догми на италијанското општество. Моравија верувал дека писателите, доколку сакаат да ја претстават реалноста, мора да заземат морална позиција, јасно обмислен политички, социјален и филозофски став, но и дека, во крајна линија, писателот преживува и покрај неговите убедувања. „Моравија сликовито ни го покажува ѓаволот што се крие во нашата психа“. („Атлантик монтли“)

За повеќе од шеесет години писателска кариера, објавил над четириесет книги, за кои ги добил најпрестижните италијански книжевни награди, меѓу кои и наградите „Стрега“ и Виареџо“. Беше вечен кандидат за Нобеловата награда за литература, номиниран 13 пати меѓу 1949 и 1965 година. Неколку негови романи се филмувани.

Моравија стекнал светска слава со романите во кои го обработува моралното раслојување на италијанската буржоазија. Во своите дела ги разгледува егзистенцијалните и моралните дилеми на својата епоха. Притоа, преку поединечните доживувања на неговите ликови тој зборува за пустошот на цивилизацијата, која е оптоварена со конвенции, формалности и конструкции. Во своите дела вообичаено обработува два вида ликови: од една страна, имотни луѓе, чии животи се уништени од материјалната преокупација, па се претвориле во морални конформисти со заспани страсти и јалов дух, а, од друга страна, неговиот книжевен свет ги опфаќа децата и луѓето од обичниот народ, кои се чисти, неинструирани суштества, способни да ги ослободат своите природни нагони.

На книжевната сцена се појавил во 1929 година со својот прв роман „Рамнодушни луѓе“, напишан во раната младост. Подоцна, работел на повеќе книжевни родови, вклучувајќи и театарски дела, куси раскази и есеи, а се занимавал и со филмска и театарска критика. Негови најпознати дела се: „Рамнодушни луѓе“ (1929), „Промашени амбиции“ (1935), „Маскарада“ (1941), „Агостино“ (1944), „Несреќниот љубовник (1946), „Римјанка“ (1947), „Конформист“ (1947), „Брачна љубов“ (1949), „Непослушност“ (1950), „Римски раскази“ (1954), „Чочара“ (1957), „Здодевност“ (1961), „Автомат“ (1962), „Презир“ (1954), „Нови римски раскази“ (1959), Внимание“ (1965), „Рај“ (1970) „Воајер (1985) итн.

Алберто Моравија е вешт сликар на портрети, на обичаите и на општествената средина, но во прв ред е писател на идеи. Ликовите од неговите дела се луѓе од крв и од месо, но истовремено тие се симболи, т.е. претставници на неговиот систем во чија основа се наоѓаат одбивноста кон шаблоните и стремежот за нивното кршење, за интензификација на животот и за соживување со стварноста. Погледите што ги носи уметноста на Моравија и нејзините многубројни димензии носат во себе огромен филозофски потенцијал. Но, мисловните и емотивните ефекти во неговите дела секогаш се постигнати преку индуктивниот пат. Инстинктивната одбивност кон симетријата неизбежно се одразиле не само врз предметот на разработка, туку и врз неговата техника на изразување. Притоа, тој се воздржува од давање дефиниции и дидактички коментари, а во неговиот начин на изразување преовладуваат рефлексот над истражувањето на појавите, сетилноста над еротските двосмислености, описите на уживањето над медитирањето, живоста на експозицијата над конструирањето и стилизмот. Токму поради неприфаќањето на секакво конструирање, творештвото на Моравија го носи печатот на природноста, а едноставноста и објективноста на неговиот стил може да се сфатат како доследен израз на неговиот поглед на светот. Неговиот објективизам не е како непристрасноста на натуралистите, а неговиот начин на раскажување не е ниту толку реалистичен како што се чини на прв поглед. На рационалната еднообразност на реалистите тој им ги спротивставува различноста и сложеноста, кои се изразуваат во обилноста на избраниот материјал и разновидниот колорит. За разлика од реалистите, ставот на Моравија кон предметот на обработка е вознемирен, нелогичен, изнијансиран.