Македоника Литера

Раѓање

Новели

Алексеј Варламов

300 ден.

176 стр., 200 х 140 мм, 2026

Награда „Антибукер’

Награда „Октомври“

Дали воопшто може со зборови да се опише големата мистерија на раѓањето?

Алексеј Варламов токму тоа го прави, и тоа толку суштински, искрено, уверливо, длабоко и трогателно.

Впечатливо и со единствени метафори ни ја раскажува вечната приказна за раѓањето, за новиот и чист живот кој со своето доаѓање на овој свет секогаш носи светлина, нови надежи, желби, но и грижи и стравови во срцата на оние што така желно го исчекуваат. Но како што вели и самиот автор: совршената љубов не знае за страв, па така, сведоци сме на моќта на таа совршена мајчинска и татковска љубов која тера на духовен и емотивен развој, преиспитување на моралните вредности и желба и потреба за создавање на ново и подобро утре.

Во оваа приказна се раѓа момче „и покрај сиромаштијата, нечистотијата, братоубиствата и ужасните пророштва за крајот на светот“, а авторот се бори за ова сиромашно момче и читателот брзо го вовлекува во оваа борба, бидејќи тоа не е само раѓање на момчето. Ниту на неговата мајка и татко. Туку сечие раѓање.

Неговата новела „Раѓање“ е, во извесна смисла, парабола за раѓањето на нова земја и новите односи меѓу луѓето. Како брилијантен раскажувач, врвен стилист и беспрекорен мајстор на зборот, Варламов го плени читателот со својот лежерен, лаконски и имагинативен стил на пишување, сложена игра на зборови и литературни алузии. Се чини дека на читателот му нуди модел на „чиста уметност“, литература заради литература. Но, овој впечаток е измамен. Алексеј Варламов е многу социјален писател, чувствителен на времето, забележувајќи ги најмалите детали од реалноста околу него и мотивите за постапките на неговите ликови.

Новелата „Раѓање“ има три главни лика: сопруг, сопруга и нивното дете. Ликовите немаат вообичаени литературни имиња. Ниту пак бројните други ликови во приказната, со исклучок на двајца – скржава старица „со чудно име Текуза“ и докторката Светлана Венијаминовна. Местото на дејството е исто така произволно: „фабрички кварт во мал град во близина на резервоар за вода во близина на Москва“.

Ова издание на македонски јазик содржи две новели. Освен новелата „Рождение“ содржи уште една новела раскажана со три раскази – „Падчевари. Нарација во раскази“ (2002).

Преводот на „Раѓање“ од руски јазик е на Ленче Тосева.

Алексеј Николаевич Варламов (1963) е руски прозаист, филолог, автор на неколку биографии на писатели и на романи, и универзитетски професор. Негови најпознати романи се „Менталниот волк“ (2014) и „Павел, душо моја“ (2018, објавен и на македонски јазик, „Македоника литера“, 2022). Добитник е на петнаесетина книжевни награди, меѓу кои: „Александар Солженицин“, „Голема книга (Бољшаја книга)“ за „Менталниот волк“ и за „Алексеј Толстој“, како и на наградите „Октомври“ и „Студентски Букер“. Според неговиот роман „Менталниот волк“ е снимен игран филм. Професор е на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, предава руска книжевност од почетокот на XX век и во исто време води креативен семинар во Институтот за литература „А. М. Горки“. Член е на комисијата за доделување на високата меѓународна награда – Толстоева награда „Јасна Полјана“.

Како прозаист дебитирал со расказот „Лебарки“ во списанието „Октомври“ (1987). Првата книга „Куќа во Остожје“ е објавена во 1990 година. Романот „Лох“ и повеста „Раѓање“ (списание „Нови мир“, 1995 година) му донесоа слава на авторот, кој победи на конкурсот „Антибукер“. Романот „Единаесетти септември“ наиде на контроверзни критики. Во 2014 година беше објавен романот „Менталниот волк“ (време на дејството 1914 – 1918), кој авторот го нарече „личен обид да се проговори за сребреното доба“. Го сметаат за еден од најдобрите стилисти во новата руска литература. Редовен автор е на познатата руска биографска серија „Животите на најзначајните луѓе“. Во серијата А. Варламов објави книги за Михаил Пришвин, Александар Грин, Алексеј Толстој, Григориј Распутин, Михаил Булгаков, Андреј Платонов, Василиј Шукшин.