Христо Крстевски
РАВЕНСКА ТРИЛОГИЈА
Државна награда „Мајка Тереза” 2006
200 мкд
По неколкуте извонредни книжевни остварувања на Христо Крстевски, ова е неговото најдобро дело, во коешто го внесол сето свое книжевно искуство, сето умеење, сета своја раскошна ерудиција, сета своја енергија, сета своја сувереност во владеењето на романескниот занает...
„Равенска трилогија“ може да се смета за најдоброто дело на Христо Крстевски, неговата лебедова песна во прозата... Во ова дело тој ја заокружува равенската сага и се одликува со изградената структура и комплексноста во градењето на мистичниот свет околу мистичниот топос Равен, како што кај Живко Чинго е Пасквелија, а кај Славко Јаневски – Кукулино. Меѓутоа, не само во ова книжевно дело, туку и во неговите претходни дела во кои многу дејства се сместуваат во тој топос, Равен е нешто поинаков од Пасквелија или Кукулино – овде мистичниот топос ни е попрепознатлив, пореален, повистинит, попривлечен, поинтересен. Тој буди поголема љубопитност затоа што во дејството сместено во тој топос ќе сретнеме и вистинити личности или ќе се соочиме со вистинити настани кои се апсолутно ненаметливо и природно вплетени во фиктивната структура што ја изградил Крстевски. Ова е дело со извонредна рамнотежа и хармонија меѓу фикцијата и документарните елементи, што е карактеристично за една инвентивна постмодернистичка постапка во раскажувачкиот дискурс на авторот. Затоа ова дело е дело не само за веќе создадениот (колку мистичен толку и реален) книжевен свет на авторот, туку и дело во коешто покрај сета богата и бујна фикција, има и многу вистина и многу фактографија; зашто е роман за македонското последно едновековно минато, роман за македонските крстопати и беспаќа, за македонските судбини и премрежиња, ова, во вистинската смисла на зборот, е роман за македонската сага. Во него како да се вовлекла сета македонска историја, како да се насликани сите историски предели и историски ликови на 20 век. Сè е испреплетено, како сè да е историја, како сè да е фикција – ем вистина, ем измислица; ем вообичаено, ем апсурдно...