Томе Богдановски
ЕКОТ НА ВЕКОТ
(раскази)
150 ден.
Повеќето од дваесетте раскази на Богдановски објавени во оваа книга, се веќе вреднувани низ еден објективен вредносен систем – анонимниот конкурс.
Авторот многу природно влегува во имагинацијата, палимпсестната конструкција и реалното; во историското и современото тематско подрачје, во документаристичкиот и постмодерниот наративен дискурс, кој еднаш е едноставен и класично приказничен, другпат „уверливо“ фактографски, третпат вдахновен и со лирска боја на раскажувачкиот тон. Дејството во расказите се потпира на цврста драматуршка структура; текот е динамичен или драматичен, со неочекувани пресврти, а дијалогот е одмерен и ефективен. Покрај фиктивните и ликовите „излезени“ од историјата или од познати книжевни дела, директни протагонисти во раскажувачкото дејство се и ликови од реалноста. Од една страна, се јавуваат Раскољников, Кафка, Прличев, Константин Миладинов..., а од друга Бранко Ставрев, Михаил Ренџов, Живко Чинго, Драган Даутовски...
Томе Богдановски (1938, Бање – Кочанско) е поет, раскажувач, романсиер, драмски писател и учебникар. Карактеристично за овој автор е што голем дел од неговите објавени дела, пред сё расказите радиодрамите и телевизиските драми, најпрвин се наградувани или избрани на анонимни конкурси. Во македонската литература дебитирал истовремено со три книги во 1972 година: „Апокрифи“, збирка песни за возрасни, „Црвениот рид“, збирка раскази за деца и „Го барам своето јато“, збирка песни за возрасни.
Покрај нив ги објавил и: „Бисернини“, збирка песни за деца (наградена со прва награда на анонимниот конкурс на „Детска радост“) „Цветчиња-обетчиња“, збирка песни за деца (наградена со втора награда на манифестацијата „Денови на македонската песна за деца - Битола“) и збирката песни за деца „Зимата во Бање“ за која д-р Мурис Идризовиќ“ ќе напише: „Книгата претставува роднокрајна кантилена и носталгична поема за симболите што се универзално и локално обоени“.
Збирката раскази за возрасни „Божјиот храм“, претставува авторски избор од најдобрите раскази наградени на анонимните конкурси на неколку весници и списанија.
Автор е и романот за тинејџери „Зелениот хороскоп“, на збирката раскази за деца „Прослава на пролетта“ и на книгата со сонети „Петлец“.
Томе Богдановски е автор и на голем број радиодрами за деца и возрасни, за кои е наградуван на анонимните конкурси, и на ТВ драмата: „Светлини и бои“.