Македоника Литера

Комита

Владимир Плавевски

350 мкд

Прочитај извадок

     Во романот се сместени и реални ликови и настани, кои се подлошката за динамичната фиктивна приказна, која го отсликува амбиентот на македонската мачна реалност во почетокот на 20 век. Главниот лик, комитата Лазар, својата животна кауза гордо и достоинствено ја посветува на својата животна доблест, татковината Македонија ослободена од отоманскиот петвековен јарем. Неговиот лик е граден врз реконструкција на вистински настани.

     Романот е структуриран од пет возбудливи делови.

     Во првиот дел „Бој на чуката“ војводата Гоце Делчев, при случајна средба, во својата чета го зема комита селскиот измеќар Лазар. Поминувајќи ги страотните премрежја на комитлакот, борбата со турскиот аскер и авџитабурите, комитата Лазар останува единствениот преживеан од стравотниот бој на чуката.

     Во вториот дел „Камења за злато“ Лазар заминува во Банско како слуга во ан за да помогне во размената на златото на американската влада и Организацијата и да ја предадат киднапираната Мис Стон. Турската војска не дозволува да се предаде златото, а се вмешуваат и врховистички интереси. Во низата заплети сериозни заплети клучна улога има и тој.

     Во третиот дел „Сениште“ Лазар заминува во село кое не плаќа данок на Организацијата. Но, наидува на невозможна запрека - селото го плачкосува вистинско Сениште! Единствен кој ќе се судри со сеништето е тој, кој успева да докаже оти суеверните селани ги излажувал човек од власта.

     Во четвртиот дел „Езерска самовила“ Лазар заминува во Охрид со задача да го отепа на смрт осудениот кодош на Организацијата. Неговата врска во градот кој треба да му каже кого мора да отепа е дамлосан и без свест. Лазар живее во куќата на чорбаџијата Ѕвезде, кого го спасува од напад на арамии. Се вљубува во неговата ќерка Ѓурѓина и успешно го брани семејството на чорбаџијата од убиствени неволји. Семејството на чорбаџијата треба да замине во Америка и сака Лазар да замине со нив. Но, врската на Организацијата се освестува, му кажува кого треба да ликвидира и целата негова иднина се урнува.

     Во петтиот дел „Сто и една година“ Лазар е заробен од отоманската власт и осуден е на сто и една година зандана. Лазар ја преживува суровата самица во занданата во Куршумли Хан, благодарејќи на Европската комисија за ревизија на турските затвори, а потоа и на ирадето на Султан Хамид.