Нове Младеновски
250 мкд
Во сличен стил од претходниот роман „Измешани светови“ и во овој роман авторот му ја доверува задачата на главниот лик проф. д-р Крис Поповски да го симне превезот од тајните од книгата што речиси 50 години лежеше под главата на покојниот дедо Филип на селските гробишта во селото Неджор.
На врвот на научната кариера, Крис ненадејно се повлекува и заминува во испосништво во малата црква и потполно се посветува на одгатнување на легендата за својот народ Ма.
Се соживува со ликовите на владетелите, нивните драматични психолошки реакции во текот на симболичите драматичните премрежија на народот Ма и нивната татковина.
По катастрофалното потонување на речиси една половина од големото Ма царство, еден грст преживеани, заедно со принцот Исидор, биваат исфрлени на непознати и потполно изолирани острови. По бавното и тешко прилагодување, успеале да формираат минијатурно царство по теркот на царството Ма пред Потопот. Останале убедени дека од некогашното големо царство Ма тие се единствените преживеани и дека водата го проголтала целиот свет.
Во реалноста, во текот на наредниот милениум, ова минијатура (слика) егзистира паралелно со половината од некогашното царство Ма (оригиналот) без знаење едни за други. Заедничкиот – изворниот генетски код на едните и другите, иако физички раздвоени, доведува до исти (паралелни) процеси, иста архитектура, исти животни принципи дури и исти имиња. Во еден момент, под чудни околности, единствениот преживеан од минијатурното Царство се наоѓа себеси нурнат во царството Ма кое во сѐ се совпаѓа со неговото, освен во димензиите. Психолошката драма на невозможниот спој на Старото и Новото, преку замена на идентитетите на два принца со исти генетски код. Спојот на двете времиња и врската меѓу оригиналното царство Ма и минијатурното царство Ма, единствено преживеаниот принц успева да го осознае. Наместо да ја обелодени вистинската, интегралната, историја на Ма народот, тој одлучува да ја испише тајната на златни листови. Ја дополнува книгата и ја препушта на тестот на времето.