Саво Костадиновски
150 мкд
Второ дополнето издание
„Трите века“ е роман за меланхолијата, носталгијата, љубовта, судбината, родољубивоста... Тој е роман – хроника, односно семејна хроника, со автобиографски елементи, во кој е раскажана суровата животна приказна за трите генерации печалбари од семејната лоза на три различни континенти, а која се протега во три календарски века, сместена во четирите дела на книгата – со вистински настани и личности, како што стои и во напомената на почетокот: „Настаните во овој роман – хроника се вистинити. Имињата, исто така...“
Овој роман на Костадиновски минатата година беше објавен и на германски јазик во Германија, во превод на реномираниот славист и македонист проф. д-р Волф Ошлис. Во меѓувреме германскиот превод доживеа уште две изданија. Наредната година треба да биде објавен и на бугарски јазик.
На крајот се објавени и три критички текста за делото од Нове Цветаноски, Борис Апостолов и Волф Ошлис.
Во воведната белешка авторот, меѓу другото, пишува:
„Моите предци живееле во бурни времиња. Тие времиња повеќе биле невремиња отколку времиња. Несреќите им биле неизбежни во животот. Од мака го напуштале родното место, а со радост му се враќале. А мене – и мака и мачнина ме зафаќаат и кога не му се навраќам и кога му се враќам.
Моето отсуство од родниот крај трае долго, ...ја дочекав и глобализацијата. Таа ми ги направи подостапни и меридијаните и родните предели, но не ми ги стивна копнежите и носталгиите. Како да сум роден да бидам заробен од нив. Можеби тие се алката искована од моите зборови, од зборовите што ги запишувам во моите книги. Зборовите ми се утеха, но алката сепак е тешка.
...Животот е отворена книга, како отворено море – непредвидливо и неизвесно.
Животот ми е една постојано неиспишана книга. Која никогаш не се испишува, колку и да пишувам. Секогаш ќе се доиспишува, сѐ додека раката ми пишува. А раката не пишува никому, мене ми пишува. Ми пишува за да не заборавам како се паметат спомените. Спомените се лични, ама ако не кажам дека ги имам, исто е како да ги немам.
Затоа и сум ја напишал оваа книга!“