Македоника Литера

Владимир Илиевски: Во сите книги вложувам многу енергија и се трудам да го извадам најдоброто од себе

 

 

ВЛАДИМИР ИЛИЕВСКИ: ВО СИТЕ КНИГИ ВЛОЖУВАМ МНОГУ ЕНЕРГИЈА И СЕ ТРУДАМ ДА ГО ИЗВАДАМ НАЈДОБРОТО ОД СЕБЕ

     

    Одблиску, да се запознаеме со  Владимир Илиевски, нашиот писател, поет, теоретичар.

    Во ова интервју поразговаравме на повеќе теми интересни за читателите:
За неговото творештво, инспирација, за неговата последна збирка раскази, "Пената на црниот бран", можете да прочитате во неговото интервју кое е во продолжение.
Секако, си направивме и книжевен муабет и за книгите кои ги чита Владимир.
Уживајте во книжевните муабети 

 

М.Литера: Автор сте на седум поетски книги и на една книжевна научна студија. Сепак последната ваша објава е прозна, поконкретно, збирката раскази „Пената на црниот бран? Кои се причините за еден ваков творечки пресврт?

В. Илиевски: Точен е податокот дека сите мој објави досега се поетски книги или се поврзани со одредени сегменти за рамките на поетскиот израз. Тие се објавувани во еден долг временски, но и творечки период во кој неминовно е секоја личност да помине низ одредени животни и творечки трансформации. Исто така, дури ги пишував и објавував моите поетски книги почнувајќи од првата „Гледач на линија“ објавена 1997 година, па сè до последната „Брзината не убива“ од 2016 година, паралелно пишував и проза, кратки раскази кои беа објавувани низ страниците на нашата книжевна периодика. Навидум делува дека поезијата е таа која го одбележи овој мој творечки период, но би рекол дека таа беше повеќе видлива за читателите. Книгите се објавуваа, доаѓаше некоја награда или номинација за награда. Сè тоа создаде впечаток дека поетскиот израз е мојот постојан книжевен свет. Истовремено, мојата проза водеше еден притаен живот, со ретки пројавувања, како да го чекаше својот вистински момент за објава.
Од сегашен аспект, книгата раскази „Пената на црниот бран“ не преставува радикален творечки пресврт. Таа е плод на неминовната и логична творечка трансформација и на постојаното писателско настојување да „каже“ со своето дело што е можно повеќе. Треба тука да нагласам дека имав забелешки од неколку моите добри познаници и одлични читатели и познавачи на книжевноста дека една од главните одлики на моите три последни поетски книги е тежнението да се биде наративен. Признавам, тоа малку ме подзамисли и ме фрли во една потрага за причините за таквата одлика на моите последни поетски книги. Можеби ова за мене е нов творечки период во кој поезијата ќе се притаи, а прозата ќе почне видливо да се наметнува.

M. Литера: Во „Пената на црниот бран“ има седумнаесет раскази со навидум различна тематика. Каков беше процесот на создавање на книгата и се провлекува ли низ расказите некоја заедничка нишка?

В. Илиевски: Некои од расказите во книгата се напишани пред повеќе од десет години., а некои идеи за расказите се постари од дваесет, сигурно. Нормално, напишаните, а необјавени раскази, со текот на времето и препрочитувањето трпеа бројни промени и трансформации. Некои целосно се оддалечија од својата првична форма. Конкретно, самиот процес на создавање на книгата траеше неполни две години. Бројните читања и препрочитувања придонесоа расказите да ја добијат онаа форма и содржина по која се стремев и за која имав јасна слика каква треба да биде. Иако можеби личи дека некој расказ сум го раскажал лесно и во еден здив, барем така ми кажуваат, би нагласил дека тоа не е така. За да се стигне до „лесното“ во раскажувањето има многу работа; тешка, макотрпна работа за да се отстранат сите непотребности во текстот и тој да се сведе на ниво на екстракт, а од друга страна, не треба со тоа да се создаде впечаток дека текстот е гол и празен.
Од тематски аспект, расказите во збирката немаат допирни точки. Настаните опфаќаат различни временски периоди. Сепак мислам дека она што ги поврзува сите раскази во една целина е функцијата на ликовите во самиот концепт на приказната. Тие не се ниту животни победници, нути трагични губитници. Тие се и сè и ништо, сè зависи од контекстот во кои сакате да го доживеете расказот како читател.
Иако сакав да ја сокријам, не успеав во тоа. Иронијата е и во моите раскази, исто како што е присутна и во песните од последните поетски книги. На некои тоа им се допаѓа, бидејќи ги тера да се насмеат иако знаат дека работата не е за смеење. Штом е така, добро е што трагите на мојата иронија преживеаја и покрај одреден степен на автоцензура.

M. Литера: Според Вас, која е Вашата најзрела, а која најсакана книга?

В. Илиевски: Од една страна тешко, а од друга, интересно прашање за секој автор. Ова е исто како да прашате родител – кое дете му е најпаметно, а кое најубаво? А тука ќе Ве оставам без конкретен одговор, затоа што, искрено, таквиот и не постои. Секогаш се трудам книгата да биде јасно заокружена целина. Во сите вложувам многу енергија и се трудам да го извадам најдоброто од себе. Свесен сум дека сите тие книги не допираат еднакво кај читателите и тоа не ме погодува. Доволен ми е фактот што сум искрен кон себе и кон своето дело во процесот на создавањето.


M. Литера: За крај, што читате во моментот?

В. Илиевски: Само што завршив со препрочитувањето на романот „Комо“ од Срѓан Валјаревиќ. Претходно, исто така, го препрочитав романот „Нигде, одникаде“ од Беким Сејрановиќ. Добри романи, одлична приказна. Јасна нарација, без непотребни реченици во лер.
Се разбира, своите книги постојано ги препрочитувам.