Душко Родев
Награда „Роман на годината"за 2010 година
200 мкд.
132 стр./ A5 формат (200x140)
„Човекот што ги сакаше калинките“ е историски роман за вистински личности и автентичен настан од почетокот на 20 век. Кога познат и авторитетен македонски војвода, борец за ослободување, сака да се жени со девојка од својата чета, љубовта и за двајцата станува сурова и трагична. Страдаат поради апсурдот меѓу борбата за слобода и слободата на љубовта, поради апсурдната неспоивост на идеалот на слободата (за која се борат) и идеалот на љубовта (поради која страдаат).
Со ненаметлив, наместа бележнички и прилично економичен стил, авторот ги преточува длабоките психолошки и емотивни ерупции во стегнато четиво кое й дозволува на приказната, инаку составена од самиот живот, да ја пренесе својата несомнена енергија и врз читателот.
Во романот се преплетуваат повеќе теми и прашања: револуционерната честитост, индивидуалните величија и подлости; човечката љубов и револуционерниот морал; возможноста на чистата љубов во услови на револуционерните превирања, дискретно сугерирана дилема – го ништи ли Револуцијата највисокиот човечки квалитет, љубовта; каква ли ќе е слободата што не умее да застане зад една чиста човечка врска?
Во таа смисла, романот на релативно едноставен начин покажува како јакобинската ревносност и љубовта раснат во трагично непомирливи категории. Притоа љубовта и човекувањето, во емоционалниот епилог на романот, ги покрива суровиот заборав на историјата. Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“, во своето образложение, за „Човекот што ги сакаше калинките“ истакна дека „романот на Родев ги продолжува најдобрите традиции на македонската историографска проза“ и дека „во својот роман Душко Родев подига лирски книжевен паметник не само на една историска фигура, туку и на трагизмот на слободата во време на историски превирања“.
„Човекот што ги сакаше калинките" на Душко Родев е еден романтичен, но истовремено тревожен и еретичен поглед врз љубовта како врвен начин на човекување, и во време на револуциите. Романтичен зашто говори за една нежна и реализирана љубов меѓу маж и жена припадници на иста чета, тревожен зашто ја открива приказната во која љубовта станува повод за зависта и осудата од соборците и, конечно, за трагичната смрт на занесеникот во љубовта и во слободата; и еретична, зашто го поставува прашањето: каква ќе е слободата, по трагичната осуда на љубовта. Инспириран од реална приказна, романот на Родев се доживува како творба што го надминува времето за кое говори, и се легитимира како книга со безвремена актуелност на идеите што ги излачува.“ (Томислав Османли, писател и претседател на комисијата за наградата "Роман на годината" )