Македоника Литера

Човекот што ги сакаше калинките

Душко Родев
Човекот што ги сакаше калинките
Награда „Роман на годината за 2010“ на Утрински весник
200.00 ден. 


         
„Човекот што ги сакаше калинките“ е роман за љубовта и храброста, за зависта и омразата, за величината и подлоста.

Тоа е роман за судбината на кукушката чета за време на илинденскиот период и за нејзиниот војвода Крсто Асенов, за борбите и херојствата, за раздорот и поразот. Пишуван врз база на историски податоци, односно за автентичен и вистинит настан, „Човекот што ги сакаше калинките“ обилува со малку познати детали од борбите во Кукушко и Арџанскиот Ѓол, но и со вистински факти за индивидуалната судбина на војводите чиишто имиња одамна се дел од илинденските легенди. Тоа е роман за идеализмот, но и за напуштеноста и осаменоста, истовремено и за достоинството пред лицето на смртта.

 Кога беше награден со „Роман на годината“ жири-комисијата рече дека „во својот роман Душко Родев подига лирски книжевен паметник не само на една историска фигура, туку и на трагизмот на слободата во време на историски превирања“.
„Човекот што ги сакаше калинките“ е историски роман за вистински личности и автентичен настан од почетокот на 20 век. Кога познат и авторитетен македонски војвода, борец за ослободување, сака да се жени со девојка од својата чета, љубовта и за двајцата станува сурова и трагична. Страдаат поради апсурдот меѓу борбата за слобода и слободата на љубовта, поради апсурдната неспоивост на идеалот на слободата (за која се борат) и идеалот на љубовта (поради која страдаат).
Со ненаметлив, наместа бележнички и прилично економичен стил, авторот ги преточува длабоките психолошки и емотивни ерупции во стегнато четиво кое й дозволува на приказната, инаку составена од самиот живот, да ја пренесе својата несомнена енергија и врз читателот.
Во романот се преплетуваат повеќе теми и прашања: револуционерната честитост, индивидуалните величија и подлости; човечката љубов и револуционерниот морал; возможноста на чистата љубов во услови на револуционерните превирања, дискретно сугерирана дилема – го ништи ли Револуцијата највисокиот човечки квалитет, љубовта; каква ли ќе е слободата што не умее да застане зад една чиста човечка врска? Во таа смисла, романот на релативно едноставен начин покажува како јакобинската ревносност и љубовта раснат во трагично непомирливи категории. Притоа љубовта и човекувањето, во емоционалниот епилог на романот, ги покрива суровиот заборав на историјата.
„’Човекот што ги сакаше калинките‘ на Душко Родев е еден романтичен, но воедно тревожен и еретичен поглед врз љубовта како врвен начин на човекување, и во време на револуциите. Романтичен зашто говори за една нежна и реализирана љубов меѓу маж и жена припадници на иста чета, тревожен зашто ја открива приказната во која љубовта станува повод за зависта и осудата од соборците и, конечно, за трагичната смрт на занесеникот во љубовта и во слободата; и еретична, зашто го поставува прашањето: каква ќе е слободата, по трагичната осуда на љубовта. Инспириран од реална приказна, романот на Родев се доживува како творба што го надминува времето за кое говори, и се легитимира како книга со безвремена актуелност на идеите што ги излачува.“ (Томислав Османли, писател)

„Читателот на овој убав роман, пишува Благоја Иванов во поговорот, е постојано обземен од сказната, која на почетокот е интонирана со полетност – а при крајот со трагичност, онака како што се случува тоа со подемот и падот на восхитот кај Крсто Асенов, како и со воста¬нието. Убавото и функционално кажување на опит¬ниот автор, со надградување на историските податоци, со психолошко градење на ликовите – ја прави оваа проза мошне динамична и возбудлива, во која има една изразита внатрешна напнатост.“