Македоника Литера

Библиотека

Аполодор
Библиотека
 (хеленска митологија)
250.00 ден.

Овој митолошки прирачник претставува опширен приказ на приказните за боговите и за хероите од богатата традиција на грчката митологија. Драгоценоста на делото се должи на неговата огромна документарна вредност.

Имено, делата, кои биле користени како извори за материјалот на ова митографско дело во голема мера се изгубени, па во таа смисла Аполодоровата „Библиотека“, како единственото во целост зачувано дело од долгата хеленска митографска традиција, е еден вид конзерватор на бројни автентични ракописи од архајскиот и класичниот период и нивно скапоцено сведоштво. Во овој текст се зачувани бројни митолошки варијанти за кои лесно може да се претпостави дека биле извори на епската и лирската грчка поезија, а кои не се конкретно спомнати, што овозможува да се добие претстава за состојбата на митската граѓа пред да стане предмет на авторска книжевна обработка. Овој текст има и книжевни вредности и доблести. Митовите не се раскажуваат со редуциран и елиптичен израз на здодевно информативно четиво, туку со суптилна стилизација на врвно наративно мајсторство.

„Библиотека“ на Аполодор е извор кој не може да се заобиколи при проучувањето на грчката митологија, а преку неа како основа, и на европската митологија. Овој текст со непроценлива документарна вредност е основен прирачник, книгата sine qua non, за секој оној кој ја изучува и толкува античката литература, а тоа повторно значи и европската, или кој било нејзин засебен дел. Предзнаењата од класичната, старогрчка митологија му се неопходна основа и на оној кој ќе се зафати со истражување на античката философија, историја, археологија. Познавањето на грчката митологија како неопходност го чувствуваат и антрополозите, етнолозите, историчарите на уметноста, оние кои создаваат уметност. Грчката митологија, поради нејзината широка распространетост и вграденост во речиси сите сегменти на културата, е важен елемент од образованието.  „Библиотека“ на Аполодор е единствениот митографски текст зачуван од антиката, кој изворно ги пренесува митолошките содржини. Сите подоцнежни митолошки речници го имаат за извор токму овој зборник на грчки митови.

Објавувањето на преводот на  „Библиотека“ на Аполодор на македонски јазик е значајно и поради тоа што досега на македонски јазик сè уште нема (преведен или составен) речник на античката, грчка и римска митологија. Преводот на „Библиотека“ не само што може, засега да ја пополни оваа сериозна празнина, туку и да биде релевантен извор за составување на еден ваков сеопфатен прирачник за грчката митологија на македонски јазик. Во македонскиот јазик не постои стандардизирана транскрипција на имињата на боговите и на хероите од старогрчката митологија, па честопати една митолошка фигура се сретнува со две имиња (Едип/Ојдип, Ајант/Ајакс, Ио/Ија, Еа/Еос), што води кон погрешен заклучок дека се работи за различни лица. Затоа објавувањето на преводот на „Библиотека“ на Аполодор може да придонесе за уедначување на оваа митолошка терминологија во македонскиот јазик сообразно со автентичниот, класичен изговор на имињата на боговите и на хероите во старогрчкиот јазик.