Македоника Литера

За македонцките работи

Крсте П. Мисирков

ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ / 

Über Makedonische Angelegenheiten

(на германски јазик)

Превод и предговор: проф. д-р Волф Ошлис  

150 мкд

      Книгата на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“ на германски јазик ја преведе проф. д-р Волф Ошлис од Германија, кој е автор и на обемниот аналитичен и студиозен предговор.

      Делото на Крсте Петков Мисирков „За македонските работи“ е едно од темелните дела за македонската литература, култура, национална самобитност и идентитет. Тоа има фундаментална улога во самосознанието и самоорганизирањето на македонскиот народ во борбата за сопствен национален развој и сопствена држава. „За македонските работи“ е едно од делата што се посебно значајни за македонската самобитност и за македонската афирмација и несомнено е дека објавувањето на ова дело на други јазици е од исклучително значење за афирмација на историската вистина за Македонија. На корицата е објавена стара географска карта на Македонија од околу 1750 година изработена од Антон Бишинг, а картата е една од многуте од колекцијата на Ошлис на стари германски карти за Македонија. Волф Ошлис (Wolf Oschlies) е познат македонист, славист, политички научник, новинар и експерт за Источна Европа. Роден е во 1941 година во Конигсберг. Студирал славистика на универзитетот во Хамбург. Од 1973 бил вработен во Центарот за аналитика во германската сојузна влада. Исто така работел и во Институтот за источнонаучни и меѓународни студии во Келн. Од 1977 до 2006 работел и предавал како професор на Универзитетот во Гизен. Денес е публицист за Источна Европа и пишува редовно за мрежниот весник Евроазиски магазин и Пруски алгемајне цајтунг. Континуирано објавува статии посветени на Македонија. Проф. д-р Волф Ошлис е еден од најголемите македонисти – проучувачи, афирматори и пријатели на Македонија во светот. Тој е коавтор на првиот Учебник по македонски јазик (со Вера Боиќ) објавен во надвор од границите на поранешната Југославија (1984, преобјавен во 1996), а кој Ошлис целосно го преработи, дополни, го збогати со обемен вовед и го објави во 2007 година. Автор е на неколку книги објавени во Германија, меѓу кои „Македонија 2001 – 2004: Воен дневник од една мирна земја“ (2004), на студијата „Македонија“ во серијата „Студии за земји“ (2004), како и книга за мајка Терeза (2009). Ошлис, меѓу другото, досега превел и повеќе дела од македонската литература на германски јазик. Тој е редовен учесник на Летната школа и на научниот собир на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид, на научни собири, организирани од МАНУ и од други научни институции во Република Македонија, но учествувал и на славистички собири во светот, каде што настапувал со реферати на македонистички теми. Тој е и почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добитник е на наградата Духовен воин за 2012 година, што ја доделува меѓународната манифестација Македонски духовни конаци, на наградата Пријател на Македонија, доделена од Министерството за култура на РМ за 2012, а за овој превод на „За македонцките работи“ ја доби наградата Златно перо на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија.