Македоника Литера

ГерМакедонија

Волф Ошлис

ГЕРМАКЕДОНИЈА

300 мкд

      Книгата на проф. д-р Волф Ошлис од Германија – „Гермакедонија“, со поднаслов „Студии за македонско-германската заемност низ вековите“, содржи четириесетина студии, статии и други прилози за Македонија, првенствено за нејзината културна историја, кои се тематски поделени во неколку циклуси: „Историја“, „Јазик и култура“, „Личности“, „Политика“ и „Разговори“.

      Како воведен текст е објавена неговата реч по повод доделувањето почесен докторат на науки на скопскиот универзитет во октомври 2003 година.

      Во книгата е објавен и предговор на проф. д-р Науме Радически со наслов „Истражувачко-аналитичката широчина и длабочината на човечката возбуда во `Гермакедонија` на Волф Ошлис“, во кој се осврнува на неговата неколкудецениска плодна македонистичка активност и приврзаност кон Македонија.

      – „Гермакедонија“ на Волф Ошлис претставува раскошна презентација, афирмација, а најмногу реанимација на некогашните и на денешните германски проучувања и запознавања на Македонија. Покрај нејзината комплексност, покрај богатството и широчината на тематските проучувања и опсесии, на овој вистински возбудлив корпус од научни сознанија и нивна презентација, вистински печат му дава креативноста и интелектуалниот активитет на нејзиниот автор.

      „Гермакедонија“ претставува вистински зборник на трудови, нешто повеќе од афирмативно претставување на неколкудецениската македонистичка актива на авторот. Преку неа тој се потврдува како најплоден репрезент на современата германска македонистика. Во оваа книга Ошлис воодушевува со својата нескриена, човечка искреност и приврзаност кон македонската земја и народ. Тој овде не се претставува целосно ниту како лингвист, ниту како историограф или политиколог, ниту како литературен критичар – тој е секогаш сето тоа заедно и нешто повеќе – пишува Радически во предговорот.

      Волф Ошлис (Wolf Oschlies) е еден од најголемите македонисти, еден од најдобрите актуелни познавачи на Македонија во светот, еден од најагилните нејзини проучувачи, афирматори и пријатели.

      Тој е исклучително динамичен истражувач, публицист и научен работник, со кариера на универзитетски наставник, славист, одличен познавач на Балканот, а уште подобар познавач на Македонија – и во минатото и во современоста. Коавтор е на првиот учебник по македонски јазик, објавен надвор од екс-ју границите.

      Ошлис е познат и како славист, политички научник, новинар и експерт за Источна Европа. Роден е во 1941 година во Конигсберг, Источна Прусија, од 1945 – Русија. Студирал славистика на универзитетот во Хамбург. Од 1973 бил вработен во Центарот за аналитика во германската сојузна влада. Исто така работел и во Институтот за источнонаучни и меѓународни студии во Келн. Од 1977 до 2006 работел и предавал како професор на Универзитетот во Гизен. Денес е публицист за Источна Европа и пишува редовно за мрежниот весник Евроазиски магазин и Пруски алгемајне цајтунг. Континуирано објавува статии посветени на Македонија.

      Проф. д-р Волф Ошлис е коавтор на првиот Учебник по македонски јазик (со Вера Боиќ) објавен надвор од границите на поранешната Југославија (1984, преобјавен во 1996), а кој Ошлис целосно го преработи, дополни, го збогати со обемен вовед и го објави во 2007 година. Автор е на неколку книги објавени во Германија, меѓу кои „Македонија 2001 – 2004: Воен дневник од една мирна земја“ (2004), на студијата „Македонија“ во серијата „Студии за земји“ (2004), како и книга за мајка Терeза (2009).

      Ошлис, меѓу другото, досега превел и повеќе дела од македонската литература на германски јазик, меѓу кои и „За македонцките работи“ (2012) на Крсте П. Мисирков. Тој е редовен учесник на Летната школа и на научниот собир на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид, на научни собири, организирани во Република Македонија, но учествувал и на славистички собири во светот, каде што настапувал и со реферати на македонистички теми. Тој е и почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добитник на признанието Пријател на Македонија, на наградите Духовен воин и Златно перо за превод на книгата „За македонцките работи“.

      Нарачај