Македоника Литера

Речник на хомонимите меѓу македонскиот и турскиот јазик

 

   Филиз Мехметоглу

   200 мкд

   152 стр., А5 (200 х 140), 2018

    „Речник на хомонимите помеѓу македонскиот и турскиот јазик“ е прв научен и лексикографски труд и прва публикација за хомонимите меѓу овие два јазика Речник е, всушност, адаптирана верзија за печатење на истоимената магистерска теза на авторката којашто беше одбранета, во 2015 година, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Овој труд е составен од два дела.
          Првиот дел содржи текстови со кои се објаснува и се образложува речникот. Најнапред е дадено објаснување на зборот хомоним според лексикологијата и етимолошките речници; се објаснува како термин во смисла на литературата, потоа авторката дава објаснувања за структура на речникот, главните принципи на речникот, методологија во врска со преводот и принципите за избор на зборовите...
    На почетокот Филиз Мехметоглу ја образложува целта на својот труд – проучување на хомоформите, т.е. зборовите со иста форма или ист гласеж, но со различно значење и неповрзано потекло, на релација турски и македонски јазик. Тие критериуми, пак, елиминираат многу зборови кои македонскиот ги презел од и преку турскиот јазик. Авторката констатира дека, според нејзината евиденција, темата е слабо разработувана во лингвистиката воопшто, а помеѓу македонскиот и турскиот јазик воопшто не е разработена. Мехметоглу истакнува дека дел од нејзиниот научен интерес се турцизмите во македонскиот јазик, но смета дека пред да се испитуваат турцизмите, треба да се проучат оние зборови кои погрешно може да се толкуваат како турцизми, иако тоа не се. Нивното проучување, пак, смета дека ќе биде корисно за сите што го познаваат турскиот јазик и го учат македонскиот и за сите оние што го учат турскиот јазик и го познаваат македонскиот јазик. Секако, и секој што се занимава со компаративна лексикологија и лексикографија на релација македонско-турски јазични споредби може да дојде до значајни сознанија во овој труд.
    Во вториот – главен дел, којшто го содржи речничкиот материјал, каде зборовите се дадени по азбучен ред со значењата и во двата јазика, прво се даваат значењата на македонски јазик, а потоа се даваат значењата на турски јазик со македонски превод. Кај секој збор најпрво се бележи стилистичката употреба (дијалектен говор, арго, вулгаризам и сл.). Потоа од граматички аспект се додава и морфолошката припадност по зборовни групи. Ова има цел да укаже на фактот дека припадноста кон различна зборовна група најчесто е доволен показ дека овие зборови немаат иден¬тично значење во двата јазика.