Македоника Литера

Така зборуваше Лао Це:Тао Те Кинг – нов превод со коментари

   Чарлс Ќ. Ву

   250 ден.

   349 стр. / A5 формат (200 x 140), 2020

   „ТАКА ЗБОРУВАШЕ ЛАО ЦЕ: нов превод со коментари на Тао Те Кинг“ е книга од Чарлс Ќ. Ву, кинеско-американски универзитетски професор и експерт за таозимот и кинеската култура.
 Книгата е двојазична, на македонски и на англиски јазик, а поглавјата од „Тао Те Кинг“ се објавени и на кинески јазик. Во обем од 352 страни, книгата е издание исполнето со мудростите на еден од најголемите кинески филозофи.

   „Tао Tе Kинг“ не е само книга на идеи, туку дело и на книжевната уметност. Тоа е едно од најпреведуваните и највлијателните дела од светската литература. Овој нов превод му дава една нова димензија на делото на древниот кинески филозоф Лао Це.
Во текот на својата историја, „Тао Те Кинг“ бил читан на многу начини, како книга за филозофијата и метафизиката, како религиозно писмо, како класик за самоусовршување, совети за управување, основен текст за воена стратегија, енциклопедија на практичната мудрост, претхристијанско пророштво и така натаму. Иако сите овие читања се можни, нивната полноважност зависи од основното разбирање на трите клучни концепти содржани во насловот.

 

“КИНЕСКА ПРИКАЗНА ЗА СРЕЌАТА И НЕСРЕЌАТА

Сите нешта во овој свет се променливи и непредвидливи. Затоа, најдобрата политика на владетелот е да биде неодредена и толерантна, додека обичниот народ се чува во својата недопрена состојба на чесност и простодушност.
Токму во овој контекст доаѓаме и до познатата поговорка: „Несреќата е тоа на што среќата се потпира; среќата под несреќата се крие“, што пак води кон подоцнежната, подеднакво популарна легенда од династијата Хан. Приказната оди вака: „Еден ден, старецот кој си живееше на северната граница го изгуби својот омилен коњ и сите соседи дојдоа да му изразат сочувство. Старецот им рече: – Ох, никогаш не се знае дали ова е вистинска несреќа. Неколку дена подоцна, коњот се врати од зад границата заедно со уште еден, уште поубав коњ и соседите на старецот дојдоа да му честитаат. Тој само им одговори: – Ох, никогаш не се знае дали ова е вистинска среќа. Неговиот син кога го здогледа новиот коњ, се обиде да го јавне. За жал тој падна и си ја скрши ногата. Соседите повторно дојдоа да му изразат сочувство, но старецот пак им одговори со зборовите: – Ох, никогаш не се знае дали ова е вистинска несреќа. И навистина, по неколку дена, воените регрути дојдоа да го повикаат неговиот син во војна. Кога ја забележа неговата скршена нога, офицерот отстапи и си замина. И знаете како одговори старецот на тоа.“ (Види „Хуаи Нан Ѕи“, поглавје 18)