Македоника Литера

Кинеска калиграфија

Ѓоре Ѓелев

Лиу Ји

650 ден.

156 стр., 240 мм, 2026 г.

   Во оваа книга се опфатени повеќе аспекти од кинеската калиграфија: хронологијата на нејзината појава од првите визуелни претстави од културата јангшао, па сè до поедноставеното стандардно писмо, филозофскиот аспект преку влијанието на таоизмот и конфучијанизмот на самите автори калиграфи при процесот на создавање на калиграфските дела, уметничките вештини во изведувањето на потезите, како и градењето на делата како целосна композиција. Опфатени се и главните стилови писмо: стандарден, чиновнички, печатен, тревест и трчачки. Најголемо внимание е посветено на стандардниот, како најприменуван и кој поседува цел систем на правила на пишување, но и на генералните правила за структурата на знаците. Во одгатнувањето на суштината на оваа уметност, посочени се и ремек-делата на кинеската калиграфија и нејзините најголеми мајстори.

   Калиграфијата означува вештина, способност за убаво пишување. Постојат неколку засебни видови калиграфија, па може да се издвојат: кинеската, јапонската, корејската, арапската и западната калиграфија.

  Кинеската калиграфија е посебен вид калиграфија која видливо се издвојува по своето значење и особености. Во неа, суштински е втемелена кинеската култура, бидејќи таа е еден вид уметност што ги опфаќа кинескиот јазик, историја, филозофија и естетика. Калиграфијата не е само начин на убаво пишување кинески знаци, туку таа, исто така, е во тесна корелација со сликарството преку запазување на естетските критериуми и на индивидуалноста во изразувањето со четката и со мастилото. Вештината на пишување калиграфија со четка е меѓу четирите традиционални вештини во Кина кои ги негуваат учените на книжевниците.

  Кинеската калиграфија ја поседува уникатната особина да биде спој меѓу писменото и уметничкото изразување. Иако има уште многу да се каже за неа, во оваа книга e претставена една целина во која се опфатени суштината, значењето и практикувањето на кинеската калигра­фија. Овој спој на естетика, писменост и филозофија создал едно уметничко јадро кое станало една од најценетите особености на кинеската култура. Од калиграфите од времето на династијата Џин, па сè до денешно време, таа е најценетата кинеска уметност, а нејзиното практикување му дава на авторот посебен вредносен елемент во погледот на луѓето околу него.

 Книгата содржи 420 илустративни прилози. Печатена е во боја.