Нешка Николова
Култот кон Големата мајка
(аспекти на женскиот креативен принцип)
200.00 ден.
Оваа книга преставува првата фолклористичко-митолошка студија кај нас на оваа тема согледана од аспект на повеќе научни дисциплини.
Во предговорот на книгата (која претставува магистерски труд на авторката), проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ, меѓу другото, пишува:
„Во своето истражување Николова со вешти и сигурни потези ја моделира „фигурата“ на Големата Мајка, пополнувајќи ги досегашните „скици“ со драгоцени научни информации. Со максимално згусната граѓа изведува концизна и прецизна експертиза, реконструирајќи го култот кон Големата Мајка и истражувајќи го неговиот „отпечаток“ во македонската народна традиција.
Наспроти неколкуте научни студии и расправи во доменот на археологијата или историјата на уметноста, во македонската наука досега недостасуваше посериозна расправа за овој култ, во која би се вклучиле и другите дисциплини – пред сè фолклористиката и етнографијата. Со исклучителна научна зрелост и суптилен истражувачки нерв, Н. Николова ги детектира и фолклористичко-етнографски ги аргументира реликтите кои го потврдуваат култот на Големата Мајка на македонска почва. Притоа, применува комбинирани истражувачки постапки, користејќи ги искуствата на повеќе научни дисциплини: фолклористиката, етнологијата и етнографијата, антропологијата, историјата на религиите, компаративната митологија и сл.
Големата тајна на Големата Мајка, слично на загатката на Сфингата, во трудот на м-р Н. Николова се дешифрира преку егзистенцијалната вредност на зборот природа. Природата и породот, суштината на Големата мајка!“
Во фокусот на расправата се наоѓаат аспектите на женскиот креативен принцип, а појдовна претпоставка е тезата на М. Гимбутас дека двојниот аспект на женските митски фигури, всушност го имплицира тројниот цикличен аспект. Студијата всушност има цел да го искоригира досега доминантниот став за двојниот аспект на Големата Мајка (двете лица на Големата Божица) и ова двојство да го трансформира во тројство. Притоа авторката го потенцира тројниот аспекткако клучен аспект кој ја крие во себе суштината на овој култ, а кој произлегува од трите функции на Големата Мајка: раѓањето (создавање живот) – усмртувањето (носење смрт) – регенерирањето (повторното раѓање). Осврнувајќи се на митологијата на жената или т.н. женски пантеон во митологијата воопшто, Николова најпрво ги разгледува биполарните женски фигури, расцепени на: божици-заштитнички и застрашувачки божици.