Македоника Литера

Невролошката основа на говорот и јазикот

Јордан Јорданоски

300.00 ден.

239 стр./ A5 формат (200x140)


       „Невролошката основа на говорот и јазикот (развиток и патологија на фонетската страна на исказот кај носителите на македонскиот стандарден јазик)“ од д-р Јордан Јорданоски е единствен труд од овој вид во Република Македонија.

Говорот и јазикот како средство за комуникација отсекогаш се предмет на проучување во повеќе научни дисциплини, но овде за првпат се научно обработени состојбите со македонскиот стандарден јазик од друг агол - од аголот на материјалната основа на организмот, врз кој се изградува еден сложен психички процес како систем за пренесување на пораките. Трудот, всушност, произлегува од двеиполдецениското работење на авторот врз проблемот на патологијата и нормата во говорната комуникација.

Говорот и јазикот како средство за комуникација отсекогаш го привлекувале вниманието на научниците од многу научни дисциплини – на лингвистите, филозофите, логопедите, психолозите, лекарите (особено на невролозите и на невропсихолозите)... Секоја од овие области на свој начин го гледала проблемот на говорната комуникација, која се јавува на почетокот како несвесна манифестација, а потоа како свесна и точна реализација на мислата. Овде првпат во научната перцепција на говорот и јазикот за основа се зема невролошката основа на говорот и јазикот.

Како што пишува авторот, „...таа материјална основа е задолжителна за да можат да се градат говорот и  јазикот како норма. Но и уште повеќе од тоа: таа основа мора да биде задолжително хомеостатична низ своите делови (анатомски, физиолошки, биохемиски, електрофизиолошки) за да може да ја исполнува својата улога: да биде создавач, обработувач, точен пренесувач и точен говорен повикувач и реализатор на дадената информација. Доколку не е така, не можеме да зборуваме за норма, ами за изместена состојба од нормата или за патологија на говорот и јазикот.

Причината да се зафатиме со разјаснување на говорот и јазикот од овој агол, од аголот на материјалната основа на нервниот систем, лежи во присутната високопроцентна супстандардна состојба на македонскиот стандарден јазик. Освен тоа, во досегашната лингвистичка литература, па и во другите научни области не се разработувала посериозно оваа материја за македонскиот стандарден јазик од овој агол – од аголот на материјалната основа на организмот, врз која се изградува еден сложен психички процес како систем за пренесување на пораката.

Двеиполдецениското работење врз проблемот на говорната комуникација како патологија и норма ни изнесе на виделина многу проблеми од јазикот како норма, како стандардно средство за комуникација. Само во областа на изговорот (артикулацијата) на гласовите (фонемите) состојбата во македонскиот стандарден јазик е толку нископроцентуална наспроти другите јазици со далеку подолга стандардизирана традиција, што, според нас, бара системна и многу брза интервенција. Податоците од Институтот за слух, говор и глас, а и личните кабинетски податоци, зборуваат дека над 33% од детската предучилишна популација има супстандарден изговор на гласовите (фонемите), супстандардност во говорот, а оттука како последица и во јазикот.“