Македоника Литера

Фолклорни социјални фосили

Нина Анастасова Шкрињариќ
ФОЛКЛОРНИ СОЦИЈАЛНИ ФОСИЛИ
цена: 250 ден     

Во оваа фолклористика студија Анастасова Шкрињариќ покажува дека фолклорните творби претставуваат вистински „социоартефакт“, кој во себе го крие отпечатокот од сите изминати фази на човековото социјално живеење.

Антрополозите истакнуваат дека фолклорот содржи своевидни фосилни остатоци од архаичните општествени „институции“, а овие мумифицирани детали можат да се препознаат само доколку се повикаат на помош социоантрополошките сознанија. Позиционирајќи го своето истражување од аспект на социјалната антропологија, авторката ги извлекува на површина: остатоците од тотемизмот, родовско-племенското уредување, променливиот примат на матријархалниот и патријархалниот поредок (преку борбата за превласт на амазонските женски заедници и патријархалните воини-змејоборци), трагите од авункулатот, преживелиците од некогашните ендогамни или егзогамни брачни врски (архаичните брачни институции – полигинија, андрогинија, сорорат, левират) и други универзални „антропологеми“.

Социоантрополошките истражувања презентирани во оваа книга, убедливо сведочат дека во народната традиција е впишан древниот социјален код кој ги диктирал односите во микрозаедницата и макрозаедницата (формирајќи одредени социоконструкти кои се пренесуваат од генерација во генерација). Декодирањето на социјалните кодови во народната традиција е можно и нужно, бидејќи фолклорот како своевидна „временска капсула“ зачувал жива слика за некогашните изумрени социолошки феномени. Некои од нив се реанимирани и реинтерпретирани на страниците на ова книга...