Ана Витанова Рингачева
ПОЕТСКИОТ ДИСКУРС ВО НАСТАВАТА
200,00 ден.
Предмет на истражување на Ана Витанова Рингачева во овој труд е поезијата и нејзините специфики, особености и различности, со посебен акцент на интерпретацијата на поетскиот текст во наставата по литература во средното образование.
Трудот е поделен на три дела, насловени со: 1. Уметноста во сите нејзини форми, 2. Поезијата како акт на комуникација и 3. Наставна интерпретација на поетски текст. На овие три главни структурни елементи на трудот им претходи, секако на почетокот, Воведот, а на крајот следи Заклучокот, како завршен дел, во кој се дадени сумирани резултатите од научно-истражувачката работа, кои пак, како такви би требало да претставуваат основа за идни истражувања од областа на методиката, како можност за унапредување на наставната методологија. Апликативно поставените тези, Ана Витанова Рингачева, ги проверува врз примери од поезијата на Блаже Конески.
Проф. д-р Виолета Димова во предговорот, меѓу другото, пишува:
„Низ внимателно избрани методички постапки, принципи, наставни средства и форми на работа и со добра мотивација, како подготовка за успешна реализација на наставниот час, Ана Витанова Рингачева ја постигнува целта, а тоа е да внесе нови и свежи идеи и да го актуализира веќе кажаното во науката за книжевноста, во лингвистиката, `облекувајќи ги во ново руво` веќе постојните лингвистички правила за функционирање на јазикот, како и современите литературолошки методи, врз кои се базира современата наставна методологија.“
Овој труд дава една поинаква, нова и посвежа форма на наставната интерпретација на поетски текст во наставата по литература и го посочува актот на комуникација во обработката на литературниот текст.
Во заклучокот, меѓу другото, Витанова Рингачева пишува:
„Низ страниците на овој труд сакав да ја поставам и докажам тезата дека, читањето на еден поетски текст е всушност посебен, специфичен акт на комуникација меѓу текстот и читателот, што нема никакви сличности со кој било друг вид комуникација. Особено внимание му беше посветено на наставниот час како плодна почва и место на кое таа специфична комуникација ќе ги даде најдобрите резултати. Наставата по литература е всушност просторот, а самиот наставен час е времето, како два неопходни услова што мора да се исполнат за да се создаде поволна клима за интерпретација на поетскиот текст.“