Нове Цветаноски
100 мкд.
236 стр./ A5 формат (200x140)
Книгата содржи над педесет теориски, критички и есеистички текстови, и претставува избор од близу тридецениската литературнокритичарска актива на авторот.
„Мисла и смисла“ е составена од два дела. Првиот дел, насловен „Читање и толкување“ содржи еден обемен теориски текст – „Толкувањето на поезијата“, кој всушност е студија за толкувањето на литературното дело, првенствено на песната, и во него се перципирани сите порелевантни теориски искуства од познати автори и школи во светот, а кои пред сè се однесуваат на разгледувањето, односно на анализирањето на литературниот текст како посебно дело (целина), или поточно: ги елаборира херменевтичките теориски постулати и херменевтичките искуства во светот, притоа посочувајќи и на таквите пристапи во есеистичко-теориската практика во македонската литература.
Во вториот дел, насловен „Избор и збор“ се опфатени критичко-есеистички согледби на дела од современата македонска литература, односно за поезијата, прозата, литературата за деца и млади и за книжевната историја.
Рецензентот на книгата Науме Радически, меѓу другото, пишува:
„Видена како целина, книгата „Мисла и смисла“ на Нове Цветаноски претставува камерен, што значи хармоничен и целисходно подготвен избор од неговата веќе неколкудецениска литературнотеориска и литературнокритичка актива. Не случајно, затоа, книгата е и структурирана со оглед на тие два сегмента од неговиот, инаку, уште поширок досегашен ангажман како на планот на литературата, така и пошироко. Непрескокливо е при овој примарен аналитички прочит најпрво претставувањето на Цветаноски како теоретичар. И тоа теоретичар со извонредна широка ерудиција за книжевната наука во светот во втората половина на ХХ век. За неговата веќе одамна настаната студија `Толкувањето на песната` веднаш би рекле дека може да застане во редот на најинтересните остварувања во овој контекст на македонско рамниште во последните две-три децении. Цветаноски на овој план е посебно преокупиран со односот меѓу литературата (главно поезијата), од една, и металитературата, т.е. литературната критика и литературната наука, од друга страна. Негов фах, уште подобро речено – неговата индивидуална теориска позиција е особено толкувањето, т.е. аналитичкото читање и вреднување на поезијата. Тој е приврзаник, но и доразјаснувач, во исто време, на идејата дека откривачки, како и вреднувачки интенции има веќе самата литература. Посебно преокупиран уште и со прашањата за критиката како интерпретација и за интерпретацијата како вреднување и како толкување, т.е. како критика, тој е и јасен и недвосмислено определен дека `самата литература себеси си ги одредува своите вредности, а критиката е само процес на тоа вреднување, откривање, регистрирање`, односно дека `современата критика е наведена помалку да суди и повеќе да интерпретира, а тоа значи дека оценува и вреднува низ интерпретацијата`.
Во вториот и далеку поголем дел до книгата „Мисла и смисла“ поместува избор од неговата долгогодишна критичарска и проследувачка дејност во однос на актуелните појави во македонската литература, а особено во двете последни децении од ХХ век... Иако, според брзата временска реакција, не само што наликува, туку и функционира како дневна критика, што, со оглед на новинарскиот професионален ангажман на авторот, е сосема очекувано, критичарските текстови на Цветаноски, сепак, сериозно се оформуваат во интерпретативно-аналитички прилози и застануваат во редот на онаа од него претходно теориски третирана и интерпретативна и аналитичка критика.“
Нове Цветаноски е публицист, преведувач, литературен критичар, есеист и издавач. Превел и препеал десетина книги и повеќе литературни текстови од бугарски, хрватски, српски и русински.
Автор е и на книгата „Разнесено наследство“, на публицистички и монографски дела, а е приредувач на зборникот со интерпретативни текстови „Толкувања“.