Михајло Георгиевски
200 мкд
160 стр./ A5 формат (200x140)
Во „Македонски црковни псалти од 19 век – автори на музички книги и ракописи“, е презентирана црковно-музичката дејност на близу 30 црковни пејачи од Македонија коишто, покрај својата псалтирска музичка дејност, напишале и нотирани музички ракописи со невматска нотација на источното црковно пеење.
Македонските црковни псалти и музичките ракописи составени од нив, по кои се пеело во македонските цркви и манастири во 19 век, се основата на македонската црковна музичка култура. Во Македонија црковното пеење има долга традиција. Уште св. Климент Охридски, во рамките на Охридската книжевна школа му придавал особено значење. Во 14 век од Македонија произлегол еден од најголемите христијански псалти и композитори – Св. Јоан Кукузел. Во 19 век, во македонските цркви и манастири, се истакнале повеќе псалти, коишто оставиле длабоки траги во македонското црковно пеење, како што се: Иван Стојков од Кочани, Михаил Васиљев од Берово, Димитар Златанов Градоборски, Јоан Хармосин Охридски, Калистрат Зографски од Струга, Васил Иванов Бојаџиев и др.
– Црковното пеење во Македонија, пишува д-р Михајло Георгиевски, се развило под влијание на византиската музика којашто имала црковен карактер, но со текот на времето таа придобила самостојна форма на музичко изразување што денес се нарекува македонска варијанта на византискиот октоих, како што е впрочем и случајот со црковните книжевни текстови напишани во Македонија во кои е изразена македонската јазична редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик и се нарекуваат македонски книжевни споменици.
Црковните музички дејци во овој труд се претставени според подрачјата каде што дејствувале.