Македоника Литера

Просторите на текстот

Звонко Танески

200 мкд

     Книгата е структурирана во шест различни поглавја кои претставуваат интердисциплинарна целина. Во сите нив е содржан концептот на „просторот“, кој може да се промислува единствено интердисциплинарно. Таквиот интердисциплинарен пристап ја вклучува општествената, историската, метафизичката и временската димензија со цел што поинтегрално да се разбере сложениот концепт на просторот, односно суштинското прашање за тоа како да се премости јазот меѓу теорискиот (епистемолошки) и практичниот простор, меѓу менталното и социјалното, меѓу филозофски осмислениот простор и материјалниот простор на луѓето.

      „Просторите на текстот (по врвиците на критиката и на академското пишување)“ претставува мозаик од жанровски различни текстови од шест тематски подрачја, коишто за авторот се „нов обид за изнаоѓање нов ’простор’ за толкување; за компаративна, поетичка и критичка промисла“. Рецензентот на книгата проф. д-р Ана Мартиноска, пишува: „Критичарското око на Танески во континуитет се посветува и на книжевната критика на дела и од македонската и од словачката јазична средина, и тоа дела кои се однесуваат на сите периоди од развојот на литературата, од медиевалистиката па сè до најсовремените трендови во творештвото... Овие критики и студии покажуваат паралелна, но темелна упатеност во кирилометодиевската проблематика и рецепција, во црковнословенските текстови и сл., но и во современата теоретска и книжевна мисла, во комуниколошките и културолошките теории, имагологијата, споредбените истражувања на книжевните и културните контексти, дури и на алтернативната поетска сцена...“

     „Со самото именување на поглавјата во книгава како: „Просторите на научно-истражувачкиот дискурс“, „Просторите на старословенската писмена традиција“, „Просторите на целоевропската книжевна трансферзала“, „Просторите на книжевниот превод“, „Просторите на поетското слово“ и „Просторите на уметничко-претставувачките модели“, ние си дадовме за задача само да ги мапираме и да ги дефинираме често релативните граници кои се надминуваат и се пречекоруваат со трасирањето на новите и разновидни апликативни простори на различните текстови. Таквите привидни граници низ текстот и на ниво на текстот сфатен и одделен самиот по себе, фактички, делумно и се изедначуваат во рамките на неговата интерпретативна репрезентација. Критичката природа на текстовите во оваа книга изникна бездруго од сосредоточеноста врз интерните проблеми на литературните и на научните дела. Затоа, повеќе од развојниот процес на литературата и нè интересираат просторите на текстот. Исходиштето на согледбите за смислата и за вредноста на делото ни претставува, пред сè и над сè, објективната анализа на текстот и неговата семантичка интерпретација“ – пишува авторот во предговорот на книгата.

Во книгата се вклучени избрани текстови пишувани од 1999 до 2015 година.