Македоника Литера

Творби

Константин Тренчев

200 мкд.

380 стр./ A5 формат (200x140)

      Во книгата Творби е претставено ракописното книжевното наследство на бележитиот општественик, родољуб и лекар Константин Тренчев (1895 – 1969).

       Тренчев е еден од првите македонски доктори, хуманист, патриот и национален деец, доследен до фанатизам на идејата за остварување на македонската државност, за создавање слободна и обединета, самостојна и независна македонска држава. Заедно со неколкумина истомисленици, меѓу кои д-р Константин Терзиев од Кукуш и д-р Васил Иванов од Струмица, е еден од основачите на ВМРО 1945, и е еден од потписниците на Меморандумот до големите сили и ООН за создавање самостојна и независна држава Македонија. Учествувал во Првата светска војна, а медицина дипломирал во Виена.

      Константин Тренчев се занимавал и со литературно творештво и оставил богат творечки опус, досега речиси непознат за литературната наука и за литературната јавност. Автор е на четири драмски дела (од кои едното е исчезнато при полициските конфискации на сѐ што напишал), поезија и прозни творби. Со творештво се јавува на почетокот на втората декада на 20 век, што е од посебно значење за неговото место во континуитетот на македонската книжевност во тој период.

      Во книгата се објавени седумдесетина песни  и една поема, три драмски текста, записи историјата и за општествено-политичките состојби во Македонија во дваесеттите години на минатиот век, раскази, авобиографски белешки и прилози.

      Книгата содржи и обемна студија на проф. д-р Васил Тоциновски за книжевната оставина на Константин Тренчев.