Михајло Георгиевски
250 мкд
Кодики или поменици се ракописни книги во коишто се испишани имињата на разни спомагатели на одредени цркви или манастири и нивното место од каде што доаѓаат.
Во кодиките се среќава богат ономастички, топономастички и етнографски материјал и се значаен дел од македонското културно наследство.
Со транслитериран текст и истовремено во факсимили во книгата се објавени седум стари македонски кодики, и тоа : Летописна книга на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, од 1835 до 1917 година; Парусија на дебарскиот манастир „Св. Јован Претеча“ од 1833 год.; Кодика на дебарската црква „Успение на Пресвета Богородица“ од 1848 год.; Поменик на Бигорскиот манастир од 1857 год.; Кодика свештена од Бигорскиот манастир од 1863 год.; Велика парусија од манастирот „Св. Пречиста“ – Кичевско од 1863 година и Вечен поменик од манастирот „Св. Пречиста“ – Кичевско, од 1885 година.
„Имињата на благопоклониците – пишува авторот – се запишувале во една книга хронолошки по години или пак се правени посебни списоци коишто се препишувале или пак така испишани се обединувале со една книга со посебни диптиси како еден вид зборници кои според намената се нарекувале поменици, кодики, проскомидии, парусии, сарандари, литургии, актинии и акатисти.
Освен во вид на книги, поменици или проскомидии има напишани и на дрво во вид на икони и триптиси како што е на пример Царската проскомидија на манастирот Зрзе од крајот на XVIII и XIX век напишана на дрво во вид на триптих...
Помениците или кодиките имаат огромно значење при проучувањето на економската историја и општествено-политичкиот живот во одредена средина и преставуваат драгоцени документи за економско-социјалната положба на граѓаните дарители од одредена земја, област, село или град, како и за економската положба и популарноста на црквата или манастирот на кој му припаѓа одредениот поменик. Особено помениците се важни и како топономастички материјал во кои се испишани разни имиња на села, градови и имиња на луѓе. Во нив се среќаваат богати етнографски податоци за одредени македонски региони...“ – пишува Георгиевски во книгата.
Михајло Георгиевски (1940) докторирал на катедрата за општа книжевност и библиотекарство на универзитетот Сараево. Неговата научна и истражувачка работа е посветена на старопечатени книги и средновековни словенски ракописи. Има објавено околу триста научни и стручни трудови од областа на културната историја на Македонија.
Негови поважни објавени монографски трудови се: Македонска печатарска дејност (1972), Манастирските библиотеки и читалишта во Македонија (1975), Македонското книжевно наследство од 11 до 18 век (1983), Каталог на старопечатени и ретки книги во 'НУБ Св. Климент Охридски' (1983), Библиотекарството во Македонија меѓу двете светски војни (1989), Словенски ракописи во Македонија (шест книги – од кн. III до кн. VIII), Македонски светци (1997), Прилози од старата македонска книжевност и култура (кн. 1 – 1997, кн. 2 – 2009), Општохристијански култни светци во Македонија (2008) и Македонски црковни псалти (2013), Македонски писмовници (епистолари) од 16 и 19 век (2015).
Учествувал на многу меѓународни научни собири во земјата и во странство. Автор е на сценарија на 40-тина телевизиски емисии, меѓу кои и три серии: Македонски светци, Средновековни скрипториуми во Македонија и Општохристијански култни светци во Македонија. За својата научна дејност е добитник на наградите „Св. Климент Охридски“ (2001) и на „23 Октомври“ (2009).