Македоника Литера

Александар III Македонски во македонската книжевност

Ранко Младеноски

350 мкд

314 стр., Б5 (240 х 170 ), 2016 г.

 

  Оваа книга на Ранко Младеноски претставува обемна, темелна и детална студија во која се елаборира застапеноста на македонскиот крал Александар III Македонски во македонските книжевни дела како лик (но и како лирски субјект во поезијата), и тоа, пред сè, од аспект на неговата улога како лик-знак што поврзува бројни народи и култури.

      Книгата е конципирана во четири дела, и тоа: 1) Историја; 2) Теорија; 3) Македонска книжевност и 4) Прилози. Во првиот дел е извршен преглед на историските збиднувања од времето на Александар Македонски, односно од 4 век пр. н.е., при што е даден и еден детален опис на освојувачкиот поход на Александар во Египет и на азискиот континент. Во овој дел авторот се покажува и како компетентен проследувач на македонската античка историја, при што „полемизира“, демистифицира или ревидира веќе востановени гледишта во македонската историографија. Тој пишува за многуте отворени прашања поврзани со историјата на античка Македонија кои долго време се тема за полемизирање меѓу истори­чарите. Основните проблемски прашања за кои се полемизира се, пред сè, етнич­ката припадност на античките Македонци, припадноста или неприпадноста на античките Македонци кон хеленскиот свет, карактерот на походот на Алек­сан­дар III Македонски во Азија (дали тој поход е македонски или хеленски), посеб­носта на античката македонска култура, јазикот и „писмото“ на античките Маке­донци, чиј е Александар Македонски (на денешните Македонци или, пак, на денешните Грци), односно кој е денешен наследник (автентичен) на античките Македонци и слично. Младеноски, кој докторираше на тема за ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност, во оваа своја студија изнесува мошне смели сознанија и тези, со кои аргументирано оспорува некои сознанија, тези и востановена терминологија на досегашната македонска историографија за овој период.

      Вториот дел од студијата се однесува на книжевно-теориските истражувања од областа на структурализмот, постструктурализмот и постколонијалната критика и во него се понудени теориските алатки со чија помош се врши интерпретацијата на македонските книжевни дела во кои е присутен Александар Македонски. Исто така, во вториот дел („Теорија“) се определува базичниот терминолошки систем што се применува во третиот (апликативен) дел на книгата. Во тој трет дел со наслов „Македонска книжевност“, кој претставува и суштински и најобемен дел на овој труд од Младеноски, е извршена екстензивна анализа на застапеноста на Александар III Македонски во македонската литература и тоа во сите нејзини области – народна литература, средновековна литература, македонската литература во 19 век, македонската литература во 20 век, како и македонската литература од првата деценија на 21 век. Тоа покажува дека станува збор за една сериозна научна студија во која се истражува и се проучува обемен предмет што се однесува на сета македонска книжевност во која на каков било начин е присутен македонскиот антички крал Александар Македонски. Тука се анализираат и се интерпретираат македонски книжевни дела од разни литературни видови (песни, поеми, епови, есеи, романи, раскази и драми) од многубројни автори, како што се Атанас Македонец, Ѓорѓија Пулевски, Марко Цепенков, Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Слободан Мицковиќ, Влада Урошевиќ, Матеја Матевски, Атанас Вангелов, Милован Стефановски, Петре Бакевски, Петар Башески, Петар Бошковски, Венко Андоновски, Зоран Ковачевски, Митко Маџунков, Ката Мисиркова–Руменова, Трајан Петровски, Владимир Шопов, Тихомир Стојановски, Перица Сарџоски, Рената Матеска, Никола Алтиев, Владан Велков, Иван Василевски и многу други. Покрај интерпретацијата на делата од овие автори во кои се среќава Александар Македонски, на крајот од третиот дел се нуди и еден заклучок во кој се сублимирани резултатите до кои се доаѓа при извршените анализи на обемниот апликативен материјал од македонската книжевност.

      Во четвртиот дел од студијата, пак, се нуди список на книжевни дела од македонската книжевност во кои е застапен Александар III Македонски, список на користена литература, индекс на имиња и кратка био-библиографска белешка за авторот.

      Оваа студија на Ранко Младеновски, всушност, претставува верзија на неговиот докторски труд, одбранет на Филозофскиот факултет во Скопје, а оценет како исклучителен и маркантен.

      Проф. д-р Венко Андоновски, во рецензијата за овој труд на Младеноски, меѓу другото, пишува:

      – Капитална, екстензивна, но и теориски одлично фунди­рана студија која го расветлува ликот на Александар Македонски од историски, теориски (наратолошки и културолошки) аспект, но дава и детален преглед на појавата на овој лик во македонската книжевност во дијахро­ниска смисла од македонската народна, преку македонската средно­вековна книжевност, македонскиот деветнаесетти книжевен век, сè до најновите литературни дела од дваесеттиот (дури и од дваесет и првиот!) книжевен век кај Македонците. Студијата е среќен спој на синхронијата и дијахро­нијата, на теоријата и историјата во најопшта смисла на зборот... Книгата „Алек­сандар III Македонски во македонската книжевност“ ја заслужува оцената – исклучително. Тоа е редок, екстен­зи­вен, методолошки поткрепен труд, труд со огромна интелектуална енер­гија насочена кон преиспитување на „стабилните вистини“ – пишува Андоновски.

      Ранко Младеноски (1966, Подгорци, Струшко) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групата Македонски јазик со книжевност, каде што и магистрирал и докторирал. Работел како новинар и уредник на списанија, а денес работи како доцент по литература на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип.

      Автор е на две посебни книшки за романите „Две Марии“ од Славко Јаневски (Феникс, 2003) и за „Црно семе“ од Ташко Георгиевски (2003), на книжевно-теориските книги „Чекајќи ја егзегезата“ (2005), „Книжевно-критички перцепции“ (2011), „Промоции“ (2013) и „Деконструкција на ликот“ (2014), на прозно-поетските збирки „Омразенија“ (2005) и „Марионетки“ (2011), како и на збирката раскази „Чуварот на тајната“ (2008). Коавтор е на книгата „Големиот скок – избор од македонскиот расказ и од најновата македонска лирика“ (2003). Младеноски е автор на две универзитетски  рецензирани скрипти („Наратологија“ и „Теорија на поезијата“) и практикуми („Практикум по теорија на поезијата“ и „Практикум по наратологија“), коавтор е и на три учебници по македонски јазик и литература за средно стручно образование. Преведува проза и поезија од српски, хрватски и бугарски јазик.

      Нарачај