Силвана Костадинова Спасова
400 мкд
Коста Шахов e еден од основоположниците на македонското новинарство – и како основач и издавач на десетина македонски весници кои излегувале во Бугарија кон крајот на XIX век, но и како уредник и новинар. Тој зад себе оставил значаен публицистички, но не помалку значаен и книжевен опус.
Оваа студија ја проучува токму публицистичката и литературната, односно раскажувачката проза на Коста Шахов. Книгата не го одредува само неговото место во македонското новинарство, туку и во македонската литература.
Оваа книга на Спасова претставува прва обемна и детална студија која го обработува раскажувачкиот опус на Шахов, и претставува верзија на докторската тема на авторката, изработена под менторство на проф. д-р Науме Радически. Литературно дело на Коста Шахов ја опфаќа неговата раскажувачка проза – расказите. Таа е еден значаен сегмент од раскажувачката проза не само на авторите што твореле во доцниот деветнаесетти век, туку и на целата македонска литература. Како доследен реалист, не нарушувајќи го започнатиот континуитет на македонските реалисти во деветнаесеттиот век, Шахов во расказите во целост опфаќа теми од народниот живот на Македонците. Неговите дела потврдуваат истакнат македонски деец, револуционер, публицист и писател, од крајот на XIX и од почетокот на XX век. Тој е прв претседател на Младата македонска книжoвна дружина. Роден во Охрид (14. IV 1862), рано го напуштил својот роден град и заминал за Софија, каде што и дипломирал на тамошниот правен факултет. Шахов во Бугарија се вклучил во движењето на македонските интелектуалци кои се бореле за афирмација на македонската национална посебност. Се развива во еден од духовните двигатели на македонското национално чувство, деец кој успеал да го наметне своето влијание и да се афирмира во процесот на националното освестување кај македонската емиграција во Бугарија во последните децении на XIX како и во почетната деценија од XX век. Не само што бил првиот претседател на Младата македонска книжовна дружина (1891-1892), од редовите на многубројната македонска емиграција, туку учествувал во исполнувањето и во редактирањето на списанието „Лоза“ (1892-1894). Токму поради овој печатен орган, сите негови учесници и застапувачи на идеите на македонското националното движење беа именувани како лозари.