Розе Нешковска Славковска
300 ден.
144 стр., 200 х 140 мм, 2024 г.
Предмет на истражување во овој труд е анимистичкиот концепт за надворешната душа и неговото присуство во македонскиот сказничен фолклор. Анимистичките претстави во сказните се толкуваат од аспект на примитивните анимистички концепти кои се универзални во сказните на сите народи во светот. Книгата содржи интерпретации на фолклорните мотиви со митолошко-ритуалистичката експликација на врвните митолози, антрополози и фолклористи во светот (Едвард Тајлор, Џејмс Фрејзер и Владимир Проп), а резултатите се применети во повеќе научни дисциплини: фолклористика, антропологија, компаративна митологија и историја на религиите. Прикажувајќи ги анимистичките концепти во македонскиот сказничен фоклор, оваа книга ги продолжува и ги надградува постојните истражувања на овој феномен во македонската фолклористичка наука. Новитетите и знаењата кои ги нуди се особено значајни во делот на интерпретацијата на македонските волшебни приказни (сказни) од повеќе тематски аспекти на анимизмот и сите негови значенски модификации. Особено значајни за македонската фолклористичка наука е анализата на аспектите на метаморфозата на надворешната душа во сказните запишани од Кузман Шапкарев и Марко Цепенков. Во овој дел од книгата, Нешковска Славковска нуди релевантна типологија на метаморфозите на душата во материјален или нематеријален објект, како и комбиниран тип на преобразби со солидна научна интерпретација врз апликативен материјал од повеќе репрезентативни македонски волшебни приказни: „Бабината мома Злата Позлатена“, Силјан Штркот“, „Дуња Ѓузели и царскиот син“, „Четириесетте царски синои и четириесетте снаи, големата змија, Ламјата, Арапо, Царо и Дервишот“ и др.
„Анимизмот како доктрина или теорија на душата нема статус на формална религија, но претставува базичен религиски концепт, на кој се темели религијата воопшто – пишува авторката на книгата. – Во таа смисла, може да се каже дека анимизмот не е религија, туку еден вид примитивна филозофија, која не само што е основа на религијата, туку и на целиот живот на човекот во мугрите на човештвото (или во „детството на човековиот род“).
Анимистичкото верување дека и неживите предмети поседуваат душа и дека луѓето можат да комуницираат со нив (во дрвото гледаат живо битие, а исто така и каменот е предмет на религиозна почит), продуцира специфична анимистичка матрица која е исклучително продуктивна кога се работи за сказните.
Проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ, автор на предговорот, пишува:
„Во овој труд анимистичкиот концепт е разгледан на две рамништа: 1. на ниво на колективната психологија (анимистичката теорија на Едвард Тајлор, за анимизмот како базичен религиски концепт), и 2. на ниво на индивидуалната психологија (теоријата на Жан Пијаже за инфантилниот анимизам како задолжителна фаза во развитокот на детското мислење). И во двете теории, анимизмот подразбира: одухотворување на предметите и појавите во природата, нивно персонифицирање и доживување како живи и индивидуални суштества кои поседуваат свест и волја.
Анимистичките секвенци во сказните, колку и да изгледаат нереални и произволни, некогаш биле нераскинлив дел од човековата митолошка вера. Без нивна адекватна научна интерпретација, тие го губат вистинското значење и се доживуваат само како наивни „анимизации налик на оние од детските анимирани бајки во кои животните зборуваат, a дрвјата шепотат свети тајни...“
Проф. д-р Трајче Стамески во поговорот, меѓу другото, пишува:
„Оваа книга се базира на употребата на релевантни методолошко-теоретски алатки во широка дијахрониска перспектива: од генезата на поимот на анимизмот, неговата распространетост во различните култури, развојот од анимизам до политеизам и монотеизам, научните толкувања на феноменот, разграничувањето на анимизмот од останатите концепти, неговото толкување врз примери од македонските сказни и др.
...Не може да постои современо општество, култура, јазик и литература без длабински континуитет со традицијата и народното творештво, а токму овој труд самоуверено покажува на некои од тие релации.“
Розе Нешковска Славковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а магистрирала во 2016 година на на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Оваа книга е ревидирана верзија на магистерскиот труд подготвен под менторство на проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ.