Ранко Младеноски
200 ден.
270 стр., 21 см, 2014 г.
Оваа книга претставува современа анализа на ликот, како еден од основните раскажувачки елементи, и тоа од аспект на неговата семантичка дезинтеграција и морална деградација. Деконструкција на ликот обработува современа проблематика во рамките на теоријата на литературата и мошне умешно и многу солидно ја покажува нејзината примена во дела од македонската современа книжевност – во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски.
Оваа книга претставува адаптирана верзија за публикување на магистерскиот труд што беше одбранет во 2005 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје под менторство на професорот Венко Андоновски и пред тричлената Комисија во состав проф. д-р Атанас Вангелов, проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска и проф. д-р Венко Андоновски. Насловот на темата за магистерскиот труд беше „Семантичка дезинтеграција и морална деградација на ликот во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски“, а сега се објавува под модифицираниот наслов „Деконструкција на ликот“. Книгата „Деконструкција на ликот“ содржи четири поглавја: „Теорија“, „Емпирија“, „Апликации“ и „Прилози“. Во делот „Теорија“ се елаборираат суштинските специфики на книжевниот лик како знак (семема) и како еден од базните наративни елементи при што се разработуваат наративните техники за интегрирање и дезинтегрирање на ликот како и неговите социолошки и психолошки аспекти. Во вториот дел со наслов „Емпирија“ е извршен панорамски преглед на македонската книжевно-критичка мисла во врска со ликот во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски. Во третиот дел („Апликации“) веќе се разработуваат конкретните манифестации на семантичка дезинтеграција и морална деградација (односно деконструкција) на ликот во прозните книжевно-уметнички дела на Димитар Солев и Драги Михајловски при што се сублимираат идентичните и различните наративни стратегии кај двајцата македонски автори. Во четвртиот дел од книгата, односно во „Прилози“, се дадени рецензиите за оваа книга од проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска и проф. д-р Венко Андоновски, како и „Библиографија“, „Индекс на имиња“ и „Белешка за авторот“.
„Ранко Младеноски под насловот `Деконструкција на ликот` остварил кохерентен, читлив, љубопитен, аналитичен и резултантен филолошки труд во кој покажува одлично владеење со теориската терминологија од наратолошки тип, детално познавање на состојбата на македонската литературна критика по однос на предметното прашање, како и способност за теориски опис на конкретен белетристички материјал со умешност за изведување теориски заклучоци кои придонесуваат за заокружување на типолошката слика на современата македонска книжевност.“ – Проф. д-р Венко Андоновски