Македоника Литера

Естетика

Јуриј Борев

600 мкд.

572 стр. / A5 формат (200 x 140), 2008 г.

      Рускиот научник академик Јуриј Борев е водечки руски естетичар и еден од најавторитетните и најпознатите естетичари во светот. Автор е на повеќе дела од областа на естетиката, теоријата на литературата и на уметноста. Неговото најпознато дело е „Естетика“.

      Неговото најново издание се смета за најопфатното дело од овој вид во овој момент во светската естетичка литература, односно според својот обем и комплексноста се смета за капитално дело од рангот на енциклопедиските публикации.

      „Естетика“ е објавена на петнаесетина јазици и има уште десет руски изданија, со вкупен тираж повеќе од еден милион примероци. Во Русија и на некои универзитети во Франција и во Кина се употребува како учебник.

      Во оваа обемна книга се опфатени историјата и теоријата на естетското и уметничкото творештво од неговите почетоци до денес. Таа е комплексна историја на уметноста, „сеопфатна теорија и историја на естетичката мисла, методолошки беспрекорно заснована и подеднакво сосредоточена на класичниот и модерниот период на таа мисла. Во денешно време, кога уметноста е во криза, па на тој начин и теоријата на творештвото во целина, оваа книга е драгоцена, максимално јасна и објективна, сложена научна студија, најсигурен критериум за проценување на естетските и уметничките вредности“ (проф. д-р Милослав Шутиќ, Белград).

      „Естетика“ претставува современо системско излагање на основните проблеми на дадената дисциплина, настанато врз основа на воопштувањата на искуствата на светската уметничка култура, а посебно на воопштувањата на искуствата на уметничката култура на 20 век. Авторот настојува да ги сумира теоретските резултати на 20 век и да ги анализира најзначајните книжевни и уметнички дела на тој век. Врз основа на тој материјал се разгледуваат филозофските прашања на природата, суштината, потеклото и историјата на развојот на културата, категоријата естетика (убаво, возвишено, трагично, комично, грдо, приземно, ужасно и др.), се истражуваат нови проблеми: херменевтиката како теорија на поимањето на уметноста, рецептивната естетика, реториката и поетиката на уметничкото дело. Авторот ги претставува принципиелно новите методологии за анализа на уметничкото дело и за анализа на уметничкиот процес.

      Проблемите на естетиката се решаваат на единствена монистичка основа (општествената теорија на естетичкото и убавото) и систематски се изнесуваат во заемна поврзаност. Настојувањето да се рефлектира актуелната состојба на естетиката, ги интегрира идеите на класиците на естетичката мисла и најистакнатите современи научници се поврзуваат во оваа книга со ориентацијата кон авторовото толкување на проблемите и истакнување на авторовите концепции, кои, од своја страна, се потпираат врз традицијата на класичната естетика, како и врз најновите искуства во развојот на уметноста и на оваа теориска дисциплина. Со други зборови, основните епизоди на воспоставување и развој на естетичката мисла, како и најзначајните идеи на современата светска наука, се изнесуваат во монографијата во составот на авторовата естетичка концепција.

      Авторот се обидува да ги избегне недостатоците кои им се својствени на многу трудови за естетиката и настојува да ги надвладее артоцентризмот (запоставувањето на дизајнот, естетиката на работата, обредите, секојдневјето, спортот) со задржување на приоритетите на уметничката култура; литероцентризмот (градење на естетички концепции врз основа исклучиво на книжевното искуство, без опфаќање на сите видови уметности) со задржување на приоритетите на вербалната уметност; евроцентризмот (запоставување на уметноста на народите на Азија, Африка, Латинска Америка, Океанија) со задржување на приоритетите на општочовечките вредности; историскиот нарцизам (самољубие и современ егоизам, оттргнувајќи го уметничкото искуство на сите епохи) со задржување на приоритетите на интересите на уметничката култура на нашето доба; националниот нарцизам (невнимание спрема странските уметности и некритичкиот и безусловен однос на дивеењето спрема националното творештво) со задржување на приоритетите на домашната култура.

      „Естетика“ им е наменета и на стручњаците, и на студентите, и на широк круг читатели кои ги интересираат проблемите на уметничката култура. Авторот настојува книгата да биде современ учебник за историчарите на уметноста, уметниците и на сите кои во институтите и на универзитетите ја изучуваат наведената дисциплина, а исто така и занимливо четиво за сите оние кои ја сакаат уметноста и кои сакаат подобро да ја разберат.

      Нарачај