Владимир Јаковлевич Проп
Историските корени на волшебната приказна
400 мкд
Од морфолошкиот опис на сказните во Морфологија на сказната, во оваа книга Проп преминува кон објаснување на историските причини за нивната појава, кои треба да се побараат во раната историја или праисторијата, на стадиумот на развиток на човековото општество којшто го проучуваат етнографијата, етнологијата, антропологијата и други дисциплини.
Во Историските корени на волшебната приказна, со помош на богата фолклорно-етнографска граѓа, Проп ја доведува сказната како жанр во најтесна врска со култот и религијата (со обредот и митот), вршејќи исклучително впечатливи ритуално-митолошки и социоантрополошки реконструкции на сказничните мотиви. Книгата изобилува со впечатливи студии на одделни приказнични мотиви, кои Проп ги смета за општествено обусловени и историски засновани, дури и антрополошки документирани.
Владимир Јаковлевич Проп (1895-1970) е истакнат руски фолклорист и структуралист. Студирал на Историско-филолошкиот факултет во Петроград, а по завршувањето на студиите работел како наставник по германски јазик. Во дваесеттите години учествувал во работата на повеќе научни установи во Петроград (Комисијата за народни приказни на Руското географско друштво; Институтот за историја на уметноста; Институтот за култура на говор и др.) каде ги објавува првите научни трудови. Во 1932 год. почнува да работи на Ленинградскиот универзитет, а со професура се занимава од 1938 год. Покрај двете најзначајни книги: Морфологија на сказната (1928) и Историски корени на волшебната приказна (1946), Проп ги објавил и делата: Руски јуначки еп (1955) и Руски аграрни празници (1963), а посмртно е отпечатена и збирката пократки трудови Фолклор и стварност (1976) и Проблемот на комиката и смеата (1976).