Науме Радически
Пред алфа и пред делта
Прилози за македонската другојазична литература
250 мкд
Науме Радически во оваа книга ја проследува богатата и разнородна литературна продукција, што во минатото, поради разни општествено-политички, културни, социјални, миграциски и други причини, ја создаваа Македонците на јазиците на соседните, но и на други подалечни народи.
Во неговите истражувачки резултати се содржани сите позначајни дела и автори во 19 и 20 век. Во аналитичкиот пристап Радически ги користи пошироко применуваните методи на проучување и вреднување во науката на т.н. дводомни литературни творци. Овој обемен труд носи многу нови сознанија, анализи и синтези и за македонската литература и за македонската културна историја.
„И во минатото и денес – пишува Радически – во светот не е ретка појавата некои литературни творци да пишуваат на јазиците на други народи или, пак, освен на својот јазик, паралелно или повремено да пишуваат и на друг. Но, не е ни толку честа појавата така голем број автори, под одредени историски, општествено-политички и други околности, своите дела да ги создаваат на други јазици, како што е во случајот со најголемиот број од оние Македонци кои своите творечки вдахновенија и идеи мораа да ги изразуваат на јазиците на соседните и на други народи – најмногу од втората половина на 19 век, кога македонскиот народ ја доживуваше својата национална и културна преродба и посебно во првата половина од 20 век, кога ги доживеа најтешките моменти во својата историја, кога беше распарчен и поделен меѓу соседните балкански држави. Заради тоа, со полно право можеме да речеме дека темата за 'литературата меѓу две татковини' е проблем кој над македонскиот географски и национално-културен простор се нуди и изискува огромен број пофлексибилни, пошироки и позадоволувачки разместувања по литератури на оние литературни откорнатици и распнатици меѓу татковината на нивното раѓање или меѓу татковината на нивните татковци и дедовци, од една страна и нивната нова татковина, поточно татковината само на јазиците на кои ги пишуваа сите или дел од своите литературни остварувања, од друга страна.“
„Се разбира, овие констатации, би биле непотполни ако, покрај нив, не се земат предвид и сознанијата за повеќекратната растргнатост на македонскиот човек, односно за настанатите дисконтинуитети во националниот и во културниот развој на македонскиот народ, како главни причини за оваа појава. Од тоа произлегува, имено, дека на оваа литература, која е инаку исклучително обемна, настанувана во минатото на сметка на поретките пројави на литературно изразување на македонски народен јазик, не е доволно да се гледа едноставно само како на литература на еден народ која не се создава на јазикот на тој народ, туку на некој друг јазик, без да се имаат предвид и причините за таа појава, како и нејзините специфичности. Имено, тоа навистина, на прво место го покренува прашањето за литературната, културната и националната припадност на тие автори, но покренува уште и ред други културни, социолошки, историски и други прашања во врска со националното и културното опстојување на македонскиот народ во минатото и денес.“ – пишува Радически.