Јуриј М. Лотман
СТРУКТУРАТА НА УМЕТНИЧКИОТ ТЕКСТ
- Брош 250 мкд
- Тврд повез 350 мкд
486 стр., 200 х 140 мм, 2005 г.
„Структурата на уметничкиот текст“ е најзначајното дело на Јуриј М. Лотман, во кое тој маестрално ја изложува основната идеја за уметничкото дело кое содржи сознајба (уметничкото дело е „модел на стварноста“) и комуникативна функција (уметничкото дело е „знак“). Книжевно-научните трудови на Лотман, а посебно ова дело, ги урнаа спекулациите дека естетскиот ефект е недофатлива појава која не може да биде подведена на научни описи и егзактно систематизирана.
Надоврзувајќи се на неговите претходници и проширувајќи ги нивните проучувања со тогашните кибернетички и математички достигнувања, Лотман применува издржана методологија со која на успешен начин ја покажува посебноста на уметничкиот дело. Неговиот пристап не дозволува уметничкиот текст да биде разгледуван како статична целина, односно механички збир на елементи и постапки. Напротив, за него тој претставува функционална структура во која секој елемент ја добива својата смисла единствено во корелација со преостанатите. Поради своите книжевно-научни истражувања и нивното влијание во светската книжевно-теориска мисла, Ј. М. Лотман е вброен меѓу најзначајните семиотичари и проучувачи на книжевноста на 20 век. Под влијание на неговите проучувања, денес постојат неколку семиотички катедри и се организирани повеќе семиотички студии на повеќе универзитети во светот.
Јуриј М. Лотман (1922-1993) завршил филологија на Петербургшкиот државен универзитет во кој предавале значајни руски проучувачи на книжевноста, како Борис Ејхенбаум, Владимир Проп, Борис Томашевски и Виктор Жирмунски. Во 1950 год. се преселил во Естонија, каде што прво работел како професор по руски јазик и литература во Тартуската педагошка школа, а во 1954 год. станал доцент на Универзитетот во Тарту. Од 1960 до 1977 год. ја раководел Катедрата за руска книжевност и го основал семиотичкиот центар во Тарту. По негова иницијатива Универзитетот во Тарту објавува серија трудови насловени „Студии за знаковните системи“. Овој исклучително плоден семиотичар набрзо станал водечка фигура, не само во Московско-тартуската школа, туку и во Европа, а подоцна и во САД.