Јуриј В. Рождественски
200 ден.
180 стр. / A5 формат (200 x 140 мм)
„Принципите на современата реторика“ од рускиот научник – лингвистот и културолог Јуриј В. Рождественски, е респектабилно дело создадено како резултат на истражувањата на теоријата на културата и на современата научна реторика, што ги вршел еминентниот професор Рождественски последните две децении на минатиот век на Катедрата по споредбено-историска и општа лингвистика на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“.
Овде културата е третирана и како извор на противречности што се јавуваат поради културната нееднаквост, но научната реторика е презентирана како средство за решавање на противречностите.
„...Целта на овој труд е да ги формулира општите места карактеристични за масовната комуникација“, пишува авторот во предговорот. „Општите места, карактеристични за усниот, за ракописниот и за печатениот говор се составен дел од современата вербална култура и не може да се игнорираат. Општите места на реториката на масовната комуникација се основа за регулирање на сите видови современи спорови.“
Историјата на реториката покажува дека секоја нова етапа од развојот на оваа дисциплина е обележана со промени во составот на општите места, т.е. на поимите и принципите кои се веќе општопризнати и на кои не им требаат докази. Реториката на ХХ век се одликува со тоа што й е упатена на масовната комуникација како на нов вид говор, а во изведувањето на постулатите во овој труд се земени примери, пред сè, од руската општествена реалност, но темите се општоприфатливи и универзални. Покрај противречностите кои произлегуваат од културата, во ова дело се обработени стилските правци на 20 век, проблемите на хуманитарната наука (состојбата на масовната свест, филозофијата на јазикот, теоријата на јазикот, принципите на новата филозофија на јазикот, ориентираноста на научните истражувања, теоријата на именувањето, масовната комуникација, проблемите на нормата), состојбите и развојот на современата реторика (односот меѓу класичната и новата реторика, американската научна реторика, јапонската реторичка теорија, индукцијата и дедукцијата во реториката, теоријата на словесноста, законите на дијалогот, вербалното управување со општеството, вербалната етика и вербалното право), како и единството и разноликоста на општеството (реториката и моралот, историско-културното значење на општите места, местото на дијалектиката, еристиката и софистиката, значенските врски на целото општество, општите места во сакралните и во канонските текстови и во текстовите на масовната комуникација, проблемот на воспитанието во општото образование).
Ова е едно од најпопуларните лингвистичко-реторички дела во современата научна мисла во Русија и е веќе неодминлива литература на повеќе катедри од оваа област на руските универзитети.