Марија Ѓорѓиева Димова
250 ден.
221 стр. / A5 формат (200 x 140)
„Интердискурзивните дијалози на книжевноста“ од Марија Ѓорѓиева Димова e книга која претставува студија од областа на книжевната теорија и книжевната херменевтика. Содржи дванаесет текста, распоредени во три циклуси: 1. Интердискурзивните дијалози меѓу книжeвноста и историјата; 2. Интердискурзивните дијалози меѓу книжeвноста и теоријата; 3. Интертекстуалните дијалози на книжевноста.
Поаѓајќи од актуелните и доминантните тенденции во книжевноста кои се во знакот на интердискурзивните, интермедијалните и интертекстуалните трансгресии на нејзините граници, оваа студија ги истражува видовите релации што книжевноста ги воспоставува со другите дискурси, уметности и медиуми. Истражувањето се реализира на две рамништа – на теориско и на интерпретативно. На теориското рамниште се елаборирани теориските модели што ги верификуваат овие развојни насоки во книжевноста (како, на пример, во концепциите на Аристотел, Михаил Бахтин, Брајан Мекхејл, Марк Кари, Линда Хачион, Елизабет Веселинг, Ансгар Нининг и други). На интерпретативно рамниште се толкуваат единаесет книжевни дела кои припаѓаат на различни литератури (старогрчката, британската, руската, чешката), на различни стилски формации и поетики (античката, модернистичката, постмодернистичката) и на автори кои се исклучителни книжевни авторитети во европската и во светската литература (Лукијан од Самосата, Хенри Џејмс, Џулијан Барнс, Антонија С. Бајат, Маргарет Атвуд, Милан Кундера, Андреј Бели, Виктор Шкловски, Евгениј Водолазкин, Андреј Битов).
Истражувањето, реализирано на теориско и на интерпретативно рамниште, ги елаборира интердискурзивните релации на книжевните текстови со историјата/историографијата, со книжевната теорија и со книжевната херменевтика, како и интертекстуалните и пародичните релации со различни книжевни и некнижевни текстови. Иако станува збор за релации што имаат свој континуитет низ историјата на книжевноста од антиката, сепак, во современата проза, тие добиваат статус на поетичка доминанта. Во таа смисла, едно од клучните сознанија до кои доведува студијата Интердискурзивните дијалози на книжевноста е во однос на констатирањето на нужната поврзаност на книжевната практика со книжевно-теориските и со херменевтичките модели во коишто таа интерпретативно се контекстуализира, односно ја илустрира нивната комплементарна и интерактивна поставеност.